БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Фридрих Мерц го покани сирискиот претседател Ахмад ал-Шара во Берлин на разговори за билатералните односи и миграцијата, јавува Анадолу.
Говорејќи за новинарите синоќа, Мерц изјави дека со Ал-Шара сака да дискутира за политичката транзиција на Сирија, економското закрепнување и враќањето на сириските беглалци.
„Граѓанската војна во Сирија заврши и на земјата сега ѝ се потребни сите нејзини ресурси - пред сè сирискиот народ - за да ја обнови земјата“, рече конзервативниот лидер, додавајќи дека се очекува сириските бегалци да почнат да се враќаат во својата татковина.
„Многумина Сиријци во Германија ќе се вратат во Сирија доброволно. Знаеме дека голем број сакаат да се вратат. Ќе ги охрабриме на тоа и ќе ѝ помогнеме на земјата да се обнови брзо“, изјави тој.
На прашањето во врска со депортирањето на сириските граѓани кои извршиле злосторства и оние без правен статус или дозвола за престој, Мерц сигнализираше дека неговата влада ќе преземе строг пристап.
„Граѓанската војна во Сирија заврши. Повеќе нема основа за азил во Германија и затоа можеме да започнеме со репатријации“, нагласи Мерц.
„Сепак, сметам на голем дел од бегалците што сега се во Германија, кои ќе се вратат во земјата по сопствена волја и ќе учествуваат во обновата“, рече тој.
„Без овие луѓе, обновата не е можна. Оние во Германија кои одбиваат да се вратат во земјата, секако, можат да бидат протерани во блиска иднина.“
Германија моментално е домаќин на повеќе од 700.000 сириски бегалци. Вкупното население со сириско потекло - вклучувајќи ги и оние со постојан престој и оние со двојно државјанство - достигнува речиси 1,3 милиони, според официјалните бројки.