Aутистичното момче Џошуа од Британија и неговиот татко посетија над 60 џамии и делеа слатки во борба против омразата

Таткото и синот, кои посетија повеќе од 60 џамии низ Обединетото Кралство за да се сретнат со заедниците и да поделат домашни колачи, сега велат дека нивна следна цел е да ги посетат џамиите во Турција

ЛОНДОН (АА) - Инцидентот на омраза против муслиманите извршен од активист од крајната десница во џамија во британскиот град Питерборо се претвори во национална кампања на добрината, предводена од 12-годишното аутистично момче Џошуа, со потешкотии во говоорот, и неговиот татко Ден Харис, пишува Анадолу.

Таткото и синот, кои посетиле повеќе од 60 џамии низ Обединетото Кралство за да се сретнат со заедниците и да поделат домашни колачи, сега велат дека нивна следна цел е да ги посетат џамиите во Турција.

Во октомври минатата година крајно десничарскиот активист Александар Хупер влезе во џамија во Питерборо и седна покрај верниците кои земаа абдест, изговарајќи навредливи зборови за исламот и муслиманите.

Полицијата веднаш реагираше откако членови на заедницата го пријавија инцидентот.

Ситуацијата ескалираше во физичка пресметка помеѓу 57-годишниот Хупер и полициската службеничка што се обидуваше да го отстрани од џамијата, но подоцна бил приведен со помош на верниците.

Инцидентот, кој британските медиуми го нарекоа „Инцидент во џамијата Алма Роуд“, е регистриран како дел од серијата неодамнешни напади на омраза од страна на крајнодесничарски активисти во земјата.

По инцидентот, Ден Харис, кој живее во градот, заедно со својот син, одлучил да ја посети џамијата во знак на поддршка, ширејќи ја пораката: „Не сте сами.“

„Приказната започна на најнеочекуван начин. Едноставно сакавме да споделиме порака на солидарност“, рече Харис.

„Ова младо 12-годишно момче со потешкотии во говорот, познато како 'Џоши Мен', е неверојатен пекар“, рече таткото, додавајќи: „Заедно направивме колачи, споделивме видео и неочекувано стана вирално низ целиот свет.“

Она што започна како една посета наскоро се претвори во национална кампања, под слоганот „Не мрази, печи“, откако на таткото и синот им беа упатени закани и навреди од екстремно десничарските кругови.

Оттогаш тие посетиле повеќе од 60 џамии низ Велика Британија, носејќи традиционални капи и кандура, молејќи се заедно со заедниците и делејќи колачи подготвени од рацете на Џошуа.

За Џошуа, кој комуницира покажувајќи на буквите од азбуката истетовирана на раката на неговиот татко, се вели дека пронашол спокој во мирната атмосфера на џамиите.

Реакцијата по нивната прва посета поттикнала уште подлабоки мисли, вели Харис.

„Како привилегиран белец од средната класа што живее во удобен дел од Питерборо, Велика Британија, почнав да размислувам. Ако ова беше реакција насочена кон мене, тогаш што доживуваат другите во Обединетото Кралство?“, рече тој.

- Смртни закани, анонимни писма, навреди -

„Тоа сознание ни ги отвори очите за размерите на крајно десничарската пропаганда и значителното ниво на исламофобија присутно во земјата“, нагласи тој. „Она што, исто така, го откривме е дека луѓето што се подготвени да ѝ се спротивстават често и сами стануваат цел.“

Добивале анонимни писма, смртни закани и навреди насочени кон Џошуа, вели тој.

„Сепак, секојпат кога ќе добиеме закана, тоа ја зајакнува нашата решителност. Нѐ поттикнува да одиме понатаму и да стигнеме до повеќе места“, рече Харис.

Неодамна нивното патување достигна, како што тој опиша, значајна пресвртница откако биле поканети во Медина, Саудиска Арабија.

„Тоа беше длабоко трогателно искуство и се чувствувавме исклучително привилегирани што сме таму. Гостопримството со кое се сретнавме беше неверојатно – од луѓето на улиците до оние што ги запознавме во џамијата. Не можеа да бидат повеликодушни“, рече тој.

Следна дестинација е Турција, која со нетрпение очекуваат да ја посетат.

„Би сакале да ја посетиме и Турција. Едни од најубавите џамии во светот се наоѓаат токму таму. Иако досега сме виделе само фотографии на интернет, сигурен сум дека тие не можат целосно да ги доловат нивната величественост, мир и раскош. Верувам дека Џоши длабоко би ја ценел нивната атмосфера“, рече тој.

Тој ја опиша и емоционалната трансформација што ја донела нивната кампања.

„Можеби најзначајната промена што ја почувствувавме е чувството дека Џоши сега има стотици илјади, можеби дури и милиони, ‘тетки и чичковци’ низ светот. Луѓе што искрено се грижат за него. Тоа чувство на глобална сочувствителност ни носи огромна утеха“, рече тој.

„Добивме покани од многу земји и би сакале да ги посетиме сите места каде што сме добредојдени како пријатели. Гостопримството што го доживеавме е неспоредливо.“

– Придонесот на џамијата во британското општество –

Директорот на Исламскиот културен центар при лондонската Централна џамија, Ахмед Ал-Дубајан, исто така, изјави дека секогаш со задоволство пречекуваат деца како Џошуа и посочи дека околу 9.000 ученици од британските училишта секоја година ја посетуваат џамијата во рамките на едукативни посети, при што повеќето од нив не се муслимани.

Тој ја истакна улогата на џамијата во британското општество преку хуманитарна помош, обезбедување храна и едукативни активности.

„Верувам дека едно од темелните начела на исламот е верската обврска да се грижиме за странците и соседите. Џамиите се духовни простори – места каде што луѓето доаѓаат да го возвишуваат Алах и да се фокусираат на својот внатрешен мир“, рече тој.

„И мислам дека токму таму деца како Џоши наоѓаат утеха. Кога влегуваат во такви простори, пронаоѓаат смиреност, прифаќање и спокој.“