Европа тежнее кон нови системи за наплата за да се ослободи од зависноста од САД

- Откако Трамп беше реизбран и се врати на функцијата, односите на Вашингтон со неговите најблиски сојузници во дипломатијата, одбраната и трговијата стануваат сè понапрегнати, особено со ЕУ и Велика Британија

ЛОНДОН (АА) – Европа воведува нови иницијативи, со цел да ја намали зависноста од американскиот систем за наплата и да изгради безбедна, независна платежна инфраструктура, јавува Анадолу.

Откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, беше реизбран и се врати на функцијата, односите на Вашингтон со неговите најблиски сојузници во дипломатијата, одбраната и трговијата стануваат сè понапрегнати, особено со ЕУ и Велика Британија.

Трамп повеќепати ја повика Европа да ги зголеми издвојувањата за одбраната и да преземе поголема одговорност, истовремено заканувајќи се со царини и најавувајќи ја можноста за анексија на Гренланд, автономна територија во рамките на Данска, со што дополнително ги заостри трансатлантските односи.

Во тој контекст, европските земји преземаат конкретни чекори за зајакнување на самоодржливоста во платежните системи, особено затоа што потрошувачите сè помалку користат готовина и сè повеќе се префрлаат на дигитални трансакции.

Европската Унија ја смета зависноста од системи под странска контрола не само како економска ранливност, туку и како геополитички ризик, со оглед на тоа дека на Виза, Мастеркард, Пејпал и Алипеј отпаѓа поголемиот дел од плаќањата со картички, како и плаќања со мобилни телефони во Европа, а менаџирани се надвор од блокот.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, неодамна нагласи дека на блокот итно му е потребен сопствен дигитален платен систем.

Иако Европската централна банка (ЕЦБ) веќе со години работи на дигитално евро, сè уште не се остварени видливи резултати. Дигиталното евро е замислено како електронска верзија на готовина издадена од ЕЦБ.

За разлика од криптовалутите, кои функционираат врз база на децентрализирана блокчејн мрежа, со дигиталното евро би управувал централен орган.

Сè погласни се повиците низ земјите членки на ЕУ за побрз напредок кон дигиталното евро, со цел да се намали зависноста од американските даватели на платежни услуги.

Иницијативата за европски плаќања (ЕПИ), предводена од големите европски банки, има цел да воспостави единствена платежна инфраструктура низ целиот континент и да понуди домашна алтернатива на картичките Виза и Мастеркард.

Обединетото Кралство презема слични напори. Високи банкарски претставници денес треба да го одржат својот прв состанок, со кој ќе претседава извршниот директор на Барклејс ВК, Вим Мару, за да ја разгледаат можноста за создавање алтернативен систем.

Според податоците од 2025 година на Регулаторот за платежни системи на Обединетото Кралство (ПСР), околу 95% од трансакциите со картички во Обединетото Кралство биле процесирани преку Мастеркард и Виза.

На глобално ниво, картичката Виза останува најупотребувана платежна платформа, со 257,5 милијарди трансакции во вредност од 14,2 трилиони долари минатата година.

Со картичката Мастеркард процесирани се160 милијарди трансакции во вкупна вредност од 9,8 билиони долари во 2024 година.

Други значајни глобални платежни системи вклучуваат УПИ, ЈунионПеј, АлиПеј, ВиЧет пеј, СЕПА, ПИКС, ПромптПеј и ПејПал.

Во Турција, домашниот платежен систем Трој одигра централна улога во унапредувањето на независноста на финансиско-технолошкиот сектор и зајакнувањето на екосистемот за дигитални плаќања.

Минатата година со Трој се реализирани трансакции во вкупна вредност од 4,8 билиони турски лири (109,4 милијарди долари), што претставува раст од 125 отсто на годишно ниво, со удел на пазарот што достигна 25,3 отсто.