СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) ќе изврши реставрација и уредување на околината на три џамии во Скопје, кои потекнуваат од османлискиот период, јавува Anadolu Agency (AA).
Со цел да се започне со работите околу реставрацијата на џамиите во Скопје, кои потекнуваат од османлискиот период, ТИКА како изведувач го потпиша договорот за соработка со Исламската верска заедница на Македонија и Министерството за култура на Македонија, под името „Анекс договор за реставрација и уредување на околината од џамијата Султан Мурат, џамијата Исак Бег (Алаџа) и џамијата Хусеин Шех“.
Програмскиот координатор на ТИКА за Скопје, Теоман Тирјаки, и поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реиз Сулејман Реџепи, по церемонијата на потпишувањето на договорот, одржаа заедничка прес-конференција.
Координаторот на ТИКА, Тирјаки изјави дека ТИКА во Македонија и на Балканот изведува проекти и активности на повеќе полиња: „Во тие рамки, минатата година изработивме проект за реставрација на џамиите Султан Мурат, Алаџа и Хусеин Шех. На тендерот беа избрани фирмите и се започна со реставрација на објектите“.
Координаторот на ТИКА, Тирјаки, истакна дека џамиите што ќе се реставрираат се едни од најзначајните историски објекти во Скопје и се симболи на главниот град.
„Се надеваме дека за период од околу 2 до 2,5 години, ќе ја завршиме реставрацијата на објектите и повторно ќе ги предадеме на Исламската верска заедница“, рече Тирјаки и ѝ се заблагодари на ИВЗ за дадената поддршка.
Поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реис Сулејман Реџепи, во своето обраќање рече дека го потпишале договорот со кој ќе се изврши реставрација на три културно-историски објекти што со закон се земени под заштита на државата.
„Ќе се изврши реставрација на џамијата Хусеин, која е една од првите џамии изградени во Македонија, во периодот на Османлиското Царство, потоа џамијата Султан Мурат, која е една од најголемите џамии на Балканот, и џамијата Алаџа, која е призната за една од ретките историски дела од тој период. Ѝ се заблагодаруваме на ТИКА за реставрацијата на овие објекти“, рече реис Реџепи, додавајќи дека соработката мегу ИВЗ и ТИКА е на највисоко ниво.
Реџепи истакна дека во последните години, ТИКА не врши реставрирање само на џамии, туку и на сето историско и културно наследство од османлискиот и современиот период во Македонија.
Покрај тоа, ТИКА со завршувањето на школската 2016-2017 година, ќе започне со работа за надополнување на недостатоците на медресата Иса Бег и училишниот дом во Скопје.
Во периодот на реставрација, трите џамии ќе бидат затворени за извршување на верската обврска.