Претседателката на Европската комисија повика на нови санкции против Белорусија
„Инструментализацијата на мигрантите за политички цели од Белорусија е неприфатлива“, рече Фон дер Лајен

БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лaјен, повика да се воведат нови санкции против Белорусија како одговор на растечката миграциска криза на нејзината граница со Полска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Инструментализацијата на мигрантите за политички цели од Белорусија е неприфатлива“, рече Фон дер Лајен во изјавата по телефонскиот разговор со лидерите на земјите од Европската Унија кои граничат со земјата.
Во понеделникот, полските власти ја зајакнаа заштитата на границата и мобилизираа над 12.000 војници откако голема група мигранти започна да се движи кон белоруско-полската граница.
Според ЕУ, белорускиот претседател Александар Лукашенко сака да се одмазди за санкциите на ЕУ наметнати врз неговиот режим со поканувањето „туристи“ од земјите кои се главни извори на миграции во Блокот.
Во својата изјава Фон дер Лајен го предупреди Минск дека „циничната инструментализација на мигрантите нема да им помогне да успеат во нивните цели“ и ги повика земјите-членки на ЕУ конечно да усвојат продолжување на санкциите за белоруските власти.
„ЕУ особено ќе истражува како да ги санкционира, вклучително и преку црната листа, авиокомпаниите од трети земји кои се активни во трговијата со луѓе“, посочи таа.
Фон дер Лајен истакна дека шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, и потпретседател на Европската комисија, Маргаритис Шинас, наскоро ќе отпатуваат во земјите од каде што доаѓаат и преку кои транзитираат мигрантите за да преговараат со властите за стопирање на летовите за Белорусија.
Од октомври минатата година, ЕУ воведе санкции против 166 поединци и 15 субјекти од Белорусија поради кршење на човековите права со задушување на протестите против, како што се наведува, наместените избори, на 9 август 2020 година.
Во јуни, Блокот го забрани прелетувањето на воздушниот простор на ЕУ и пристапот до аеродромите на ЕУ за сите белоруски авиони поради принудното пренасочување на летот на „Рајанер“ до Минск и приведувањето на белорускиот новинар Раман Пратасевич.
Во август, земјите на ЕУ кои граничат со Белорусија - Литванија, Латвија и Полска - пријавија драматично растечки број на нерегуларни премини.
Според последните проценки од минатиот месец, над 6.000 мигранти главно од Ирак, Авганистан и Сирија, се обиделе да влезат во ЕУ преку границата на Белорусија со ЕУ, во споредба со минатогодишните 150.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.