ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ги осуди масакрите во суданскиот град Ел-Фашер, велејќи дека територијалниот интегритет и суверенитет на африканската земја треба да бидат заштитени, јавува Анадолу.
„Никој што носи срце во градите - а не камен - не може да ги прифати масакрите врз цивилите во суданскиот град Ел-Фашер последниве денови. Не можеме да молчиме за ова“, изјави Ердоган во своето воведно обраќање на 41. сесија на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка (COMCEC) на Организацијата за исламска соработка (OIC) во Истанбул.
Тој нагласи дека територијалниот интегритет, суверенитетот и независноста на Судан треба да бидат заштитени и дека е важно да се застане на страната на суданскиот народ.
Осврнувајќи се на војната во Газа, турскиот претседател истакна дека палестинската група Хамас се чини дека е многу решена да го почитува договорот за прекин на огнот, а Израел има многу лошо досие.
„Израел уби над 200 невини луѓе од потпишувањето на договорот за прекин на огнот во Газа и не ги запре окупацијата и нападите врз Западниот Брег“, изјави тој.
„Не смееме да дозволиме обиди за анексија на Западниот Брег, промена на статусот на Ерусалим или какви било обиди за нарушување на светоста на џамијата Ал-Акса“, рече Ердоган.