Турција, наука и технологија

Првото турско орбитално трансферно летало ја започна мисијата во вселената

Со оваа мисија, Турција ќе стане првата земја што ќе спроведе тестирање на хибриден мотор во орбита

Tolga Yanık  | 02.12.2025 - Обновена : 02.12.2025
Првото турско орбитално трансферно летало ја започна мисијата во вселената

ИСТАНБУЛ (АА) – Првото целосно домашно орбитално трансферно летало (OTV) на Турција, ФГН-ТУГ-С01, го започна своето патување во вселената, соопшти компанијата Бајкар, јавува Анадолу.

Леталото беше лансирано на 28 ноември од базата Ванденберг во Калифорнија, со ракетата Фалкон 9 на Спејс икс, како дел од мисијата Транспортер - 15.

Мисијата започна во 18:44 часот GMT, а раздвојувањето на товарот беше успешно извршено 81 минута по лансирањето.

Овој историски чекор ја зацврстува способноста на Фергани спејс во вселенски транспорт и маневрирање.

ФГН-ТУГ-С01 е првото турско орбитално трансферно летало и воедно прво вселенско летало што ќе активира хибриден ракетен мотор во орбита. Леталото ќе го изврши своето прво планирано палење на хибридниот мотор откако ќе се стабилизира во својата мисија.

Хибридниот погонски систем, кој е нискобуџетен и безбеден, ќе овозможи пренос на сателити во различни орбити и продолжување на нивниот работен век.

Леталото ќе може да транспортира сателити од ниска орбита од околу 500 километри до над 1.000 километри, зависно од мисијата.

Леталото има клучни системи како што се компјутерот за летање, авиониката, единиците за дистрибуција на енергија и инфраструктурата за термичка контрола, сите развиени дома во Фергани спејс.

Со оваа мисија, Турција ќе стане првата земја што ќе спроведе тестирање на хибриден мотор во орбита.

Извршниот директор на Фергани спејс, Селџук Бајрактар, изјави дека пред три недели е пуштен во употреба вториот сателит на компанијата, а дека сега и првото домашно трансферно летало е целосно оперативно.

„Нашето орбитално трансферно летало (OTV), производ на домашно инженерство, ќе ја започне мобилноста на Турција во вселената“, рече тој.

Бајрактар додаде дека оваа мисија е темел на инфраструктурата за развој на домашниот глобален позиционирачки систем „Улугбеј“.

„Оваа мисија ја поставува основата за нашата цел – системот Улугбеj ЏПС – и го отвора патот за идните сателитски констелации. Во следните пет години планираме лансирање повеќе од 100 сателити за да обезбедиме независни услуги за позиционирање и вселенска логистика за Турција и нејзините сојузници“, додаде тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.