Турција, свет

Генералниот директор на АА ги откри деталите од рацијата во канцеларијата на АА во Каиро

Казанџи нагласи дека откако светот бил информиран за настанот, египетските власти биле вознемирени од повиците за ослободување на новинарите

Merve Yıldızalp Özmen  | 16.01.2020 - Обновена : 17.01.2020
Генералниот директор на АА ги откри деталите од рацијата во канцеларијата на АА во Каиро

АНКАРА (АА) - Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Агенција Анадолија (АА), Шенол Казанџи, во врска со рацијата на египетската полиција во канцеларијата на АА во Каиро истакна дека веруваат оти прашањето ќе се реши во најкраток можен рок, јавува Агенција Анадолија (АА).

Казанџи за време на уредничниот деск на АА говореше за рацијата на египетската полиција во канцеларијата на АА во Каиро.

Тој нагласи дека група полицајци со службени униформи на 14 јануари дошле во канцеларијата на АА во Каиро каде што се наоѓале петмина вработени.

Според него, полицајците ги собрале телефоните на вработените и го исклучиле интернетот со цел да ја прекинат нивната комуникација со надворешниот свет.

„За тоа бевме информирани половина час откако се случи настанот“, рече Казанџи, додавајќи дека на адвокатот не му било дозволено да им се придружи на вработените.

Казанџи истакна дека нивниот претставник во канцеларијата ги контактирал локалните власти и дека агенцијата го информирала Министерството за надворешни работи на Турција.

„Упатувам благодарност до министерот за надворешни работи кој рече дека веднаш ќе направат сѐ што е потребно“, додаде Казанџи.

„Се загриживме откако ова прашање зеде друга димензија, кога [увидовме дека] полицијата до доцните часови не ја напушта канцеларијата“, рече Казанџи, додавајќи дека од петтемина вработени на АА, едно женско лице било пуштено, додека другите четворица вработени биле однесени на непозната локација.

„По исполнување на рокот од 24 часа, започна процес кога ние треба да правиме вест [за настанот], бидејќи на ниту еден начин не успеавме да контактираме со египетските власти. Не добивме ниту потврда, а ниту демант. Се однесуваа како да не се случувало ништо. Ние одлучивме да правиме вест, за што, пред сѐ дискутиравме со министерот за надворешни работи“, нагласи Казанџи.

Тој истакна дека добиле голема поддршка од турското Претседателство и од сите членови на Владата, лидерите на политичките партии, граѓаните, како и од новинарите.

Казанџи нагласи дека откако светот бил информиран за настанот, египетските власти биле вознемирени од повиците за ослободување на новинарите.

Според него, Министерството за внатрешни работи на Египет повторно не дало објаснување, но сепак, една вест била објавена во медиумите, во која канцеларијата на АА е опишана како терористичка ќелија.

„Во веста се наведува дека ’полицијата изврши рација во една ќелија која пренесува вести против Египет. Приведени се четири лица‘. Тука не се користени изрази како агенција и новинари. Исто така, искористени се четири фотографии“, рече Казанџи, покажувајќи ги фотографиите објавени од Египет.

Казанџи нагласи дека во веста објавена во медиумите не е наведено дека приведените лица се новинари, додека се нагласува дека рацијата е извршена поради објавите кои го дискредитираат Египет и дека се приведени четири лица, вклучувајќи еден турски државјанин и тројца египетски државјани.

„Веруваме дека ова прашање ќе се реши што е можно побрзо“, рече генералниот директор на АА, Шенол Казанџи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.