Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон го освои својот петти мандат

Шеесет и осумгодишниот Емомали Рахмон ја води нацијата, која брои 9,5 милиони луѓе, од 1992 година, во кој период се случи и граѓанска војна

ТАШКЕНТ (АА) - Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, го освои својот петти мандат, добивајќи 90,92 отсто од гласовите, соопшти денес челникот на Централната изборна комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Бахтијар Худајарзаде на прес-конференцијата изјави дека излезноста на гласачите на вчерашните избори била 85,39 отсто, при што 4,2 од 4,9 милиони регистрирани гласачи го искористиле своето демократско право.

Во 68 изборни единици формирани беа 3.375 избирачки места.

Таџикистанските граѓани во странство, исто така, гласаа на 39 избирачки места во различни земји.

Худајарзаде соопшти дека лидерот на Земјоделската партија, Рустам Латифзаде, освоил 3,03 отсто од гласовите, додека Абдухалим Гафаров, претседателот на Социјалистичката партија на Таџикистан, освоил 1,49 отсто од гласовите.

Рустам Рахмацода, лидерот на Партијата за економски реформи, освоил поддршка од 2,15 отсто од гласачите, додека претседателот на Комунистичката партија, Мирој Абдулјоев, обезбедил 1,17 отсто од гласовите.

Претседателот на Таџикистан е избран за мандат од седум години. Последните избори се одржаа во 2013 година, на кои исто така победи Рахмон. Шеесет и осумгодишниот Емомали Рахмон ја води нацијата, која брои 9,5 милиони луѓе, од 1992 година, во кој период се случи и граѓанска војна.