Седум лица загинаа во етнички судири пред престојните избори во Брегот на Слоновата Коска

- Седум лица ги загубија животите во етничките судири што се одвиваат во Брегот на Слоновата Коска пред претстојните претседателски избори закажани за 31 октомври

ДАКАР

Седум лица ги загубија животите во етничките судири што се одвиваат во Брегот на Слоновата Коска пред претстојните претседателски избори закажани за 31 октомври, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според вестите објавени во локалните медиуми, во градот Дабоа, кој е оддалечен 50 километри од главниот град Абиџан, во последните два дена во судирите меѓу етничките групи животот го загубија 7 лица.

Претставниците на власта кои ја изразуваат својата загриженост од можноста за зголемување на бројот на загинати, информираа дека има и 40 повредени.


- Опозицијата повикува на бојкот

Пред претстојните избори, поранешниот претседател Хенри Конан Бедие и поранешниот премиер Паскал Афи Н’Гуесан, повикаа на бојкот и граѓанска непослушност против кандидатурата за трет мандат на актуелниот претседател Аласан Утара.

Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) истакна дека Бедие и Н’Гуесан мораат уште еднаш да ги преиспитаат своите одлуки.


- Прифатени досиејата на 4 од 44 кандидати

Уставната комисија на 14 септември објави дека се прифатени 4 од вкупно 44 апликации на кандидатите за претседателските избори.

И покрај сите реакции, апликацијата на Утара беше прифатена, иако станува збор за негов трет мандат, додека беа одбиени апликациите на поранешниот претседател Лоран Гбагбо и поранешниот премиер Гијом Соро под образложение дека претходно биле осудувани.

Покрај кандидатурата на Утара, одобрени беа и кандидатурите на поранешниот претседател Бедие, поранешниот премиер Н’Гуесан и на пратеникот Куадио Конан Бертин.


- Утара тврди дека неговиот прв мандат „не е земен предвид“

Утара тврди дека уставниот мандат, со кој секој претседател може да има само два мандата, е усвоен за време на неговиот втор мандат, па затоа неговиот прв мандат „не е земен предвид“.

Опозицијата, пак, тврди дека прифаќањето на кандидатурата на Утара за трет претседателски мандат е неуставно.

Утара е претседател на Брегот на Слоновата Коска од 2010 година.