САД: Трамп и Бајден на последната дебата се судрија за Ковид-19, за расизмот

За време на дебатата којашто се одржа на Универзитетот „Белмонт“ во Нешвил, во сојузната држава Тенеси, политичките ривали се судрија во значително поструктурирана дебата за разлика од нивната прва дебата одржана кон крајот на септември

ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, и неговиот противкандидат на изборите од редот на демократите, Џо Бајден, синоќа на американските гласачи им ја дадоа последната можност да ги видат нивните политички ставови за време на последната претседателска дебата пред изборите закажани за 3 ноември, јавува Агенција Анадолија (АА).

За време на дебатата којашто се одржа на Универзитетот „Белмонт“ во Нешвил, во сојузната држава Тенеси, политичките ривали се судрија во значително поструктурирана дебата за разлика од нивната прва дебата одржана кон крајот на септември, поради новите правила што ѝ дозволија на модераторката Кристен Велкер да ги исклучува нивните микрофони додека опонентот одговара на првичните прашања.

Првата од планираните три дебати кои требаше да се одржат, пред Трамп да се зарази со вирусот Ковид-19, беше натпревар во надвикување во кој Трамп зборуваше повеќе за својот опонент, отколку Бајден.

Но синоќа, американската јавност беше во можност да ги види кандидатите како ги претставуваат своите предлози за американската политика, и своите големи разлики за низа проблеми.

Кандидатите ја отворија дебатата со темата за епидемијата на Ковид-19 во САД, во која Бајден го изнесе фактот дека САД се наоѓаат среде најтешката пандемија, со околу една петтина од смртните случаи во светот.

„Оној што е одговорен за непреземањето контрола, велејќи: ’Не преземам никаква одговорност‘, оној што е одговорен за толку многу смртни случаи, не треба да остане претседател на Соединетите Американски Држави“, рече тој.

Поранешниот потпретседател се осврна на изјавите што Трамп ги даде во март кога рече: „Не преземам одговорност“ за избувнувањето на епидемијата, која се ширеше низ американските држави внесувајќи ги во состојба за карантин. Трамп, пак, од своја страна се обиде да ја фрли вината врз поранешниот американски претседател Барак Обама.

Како одговор на обвиненијата на Бајден, Трамп ги бранеше напорите на неговата администрација, велејќи дека стапката на смртност е „намалена за 85 отсто“ и дека вакцината „ќе биде претставена за неколку недели и ќе биде дистрибуирана“.

„Ќе исчезне, и како што велам, ние ја зедовме [ситуацијата] под контрола, ќе исчезне“, рече Трамп за вирусот, и покрај предупредувањата од неговите здравствени експерти кои еден ден пред неговата изјава рекоа дека САД одат во погрешна насока.

Џеј Батлер, експерт за заразни болести од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), во средата рече дека здравственото тело „воочува вознемирувачки тренд во САД со раст на случаите на Ковид-19 за речиси 75 отсто“.

Според податоците на ЦДЦ, во САД се евидентирани околу 50.000 нови случаи на дневно ниво во изминатата недела, како и 700 смртни случаи.

Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, САД се најпогодена земја од коронавирусот во светот со над 8,4 милиони заразени и 223.000 смртни случаи.

Бајден се повика на предупредувањата од здравствените експерти, велејќи: „Ќе влеземе во една мрачна зима, мрачна зима, а тој [Трамп] нема јасен план.“

Пандемијата и понатаму е на врвот од прашањата за кои регистрираните гласачи велат дека се важни за нив, 55 отсто од нив велат дека тоа прашање е „многу важно“, според податоците објавени на 21 октомври од Центарот за истражување „Пју“. Но, забележана е остра партиска поделба: 24 отсто од републиканците, во споредба со над 80 отсто од демократите сметаат дека епидемијата е важно прашање.

Осврнувајќи се кон темата за расизмот, во услови кога САД продолжуваат да се борат со повеќе случаи на полициска бруталност и убиства на припадници на малцинствата од страна на полицајци, Трамп рече дека разбира низ што треба да поминат родителите на црномурните деца, мислејќи на заедничките разговори што ги имаат родителите од малцинствата во САД со своите деца во кои им укажуваат како да комуницираат со органите на прогонот, генерално советувајќи ги да бидат смирени и послушни за време на тие интеракции со полицијата. Разговори кои обично не се водат во домаќинствата на белци.

Трамп посочи дека е најмалку расистички настроена личност во просторијата: „Никој нема сторено повеќе за заедницата Афроамериканци од Доналд Трамп“, рече тој пред да признае: „може да е исклучок Абрахам Линколн“.

Потоа Бајден му возврати со зборовите: „Тој [Трамп] истура бензин на секој оган за расизмот. Ја започна својата кампања слегувајќи од лифтот со зборовите дека ќе се ослободи од оние мексикански силувачи. Тој им забрани [влез] на муслиманите затоа што се муслимани“, мислејќи на забраната за влез во земјата потпишана од Трамп, и покрај судските потешкотии, за Северна Кореја и Венецуела, како и за шест муслимански земји.

Трамп понатаму говореше за движењето „Блек лајвс матер“, со критики за неговите припадници, демонстранти, кои скандираат кон полицијата: „свињи кои треба да се убијат“.

„Кога првпат слушнав за „Блек лајвс матер“, тие скандираа ’свињи во ќебе‘ кон полицијата“, рече Трамп. ’Свињи‘, зборуваа за нашата полиција. ’Свињи во ќебе, испржете ги како сланина‘. Реков „тоа е ужасна работа“. И такви луѓе маршираа по улиците. Тоа беше мојот прв впечаток за Блек лајвс матер.“

Во текот на дебатата во Нешвил, Тенеси, и двајцата беа прашани за имигрантската политика и за тоа како ќе ги обединат повеќе од 500-те деца мигранти одделени од своите семејства.

„Децата ги носат овде којоти и многу лоши луѓе, картели, и тие ги користеа децата за да влезат во нашата земја“, рече Трамп.

„Којот“ е вообичаен израз за шверцери со луѓе долж границата меѓу САД и Мексико.

Трамп рече дека демократите, а не тој, се тие што ги направиле кафезите каде што се чуваат децата, откако се одвојуваат од нивните родители.

На прашањето дали има некаков план за обединување на децата со родителите, Трамп рече „да, работиме на тоа ... Работиме многу напорно.“

Бајден, пак, на истото прашање одговори дека децата всушност влегле во земјата со своите родители.

„Овие 500 и повеќе деца дојдоа со своите родители. Тие се разделени на границата за да се обесхрабрат за нов почеток. Ние сме цврсти! Ние сме навистина силни! Но, којотите не ги донесоа овде.“

„И тоа нас нè прави за потсмев и го крши секој поим за тоа кои сме ние како нација“, рече кандидатот од демократите.

Инаку, според Американската унија за граѓански слободи, адвокатите не можат да ги пронајдат родителите на 545 деца мигранти разделени од семејствата од администрацијата на Трамп. Околу две третини од тие родители се депортирани во Централна Америка без нивните деца.

Претседателот Трамп понатаму во дебатата обвини дека Бајден „не сторил ништо“ во врска со реформата на кривичното право за време на неговите осум години како потпретседател на САД: „Се кандидирам поради тебе. Се кандидирам поради Барак Обама, затоа што завршивте многу малку од работата. Ако сметав дека завршивте добра работа, никогаш немаше да се кандидирам.“

Бајден вети дека доколку биде избран да го замени Трамп, фундаментално ќе го смени системот, за кој рече дека страда од институционален расизам.

„Ние постојано се движевме сè повеќе и повеќе кон вклучување, а не кон исклучување. Ова е првиот претседател кој дојде и рече: ’крај е на тоа‘. Ние нема да го правиме тоа повеќе“, рече тој за Трамп.

Инаку, над 49 милиони Американци веќе го дадоа својот глас во предвременото гласање, од кои над 50 отсто се демократи, покажува студијата реализирана од Американскиот проект за избори. Републиканците сочинуваат нешто повеќе од една четвртина од оние кои гласале предвреме, додека останатите гласачи учествуваат со 22 отсто.