Полска тврди дека Русија го прекршила меѓународното право со нападот со беспилотно летало врз полска фабрика во Украина

Фабриката во сопственост на групацијата „Барлинек“, производител на дрвени подови, сериозно е оштетена во нападот во текот на ноќта во среда и нема да биде функционална најмалку шест месеци. Повредени се 7 лица, 2 потешко, објавија полските власти.

БРИСЕЛ (АА) - Полска ја обвини Русија за кршење на меѓународното право откако руско беспилотно летало погоди фабрика во сопственост на Полска во украинскиот град Виница, објави вчера полскиот радиодифузер ТВП Ворлд, јавува Анадолу.

Фабриката во сопственост на групацијата „Барлинек“, голем производител на дрвени подови, беше сериозно оштетена во нападот што се случи во текот на ноќта во среда, поради што таа нема да биде функционална најмалку шест месеци. Седум лица беа повредени, од кои двајца потешко, според полските власти.

Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи Павел Вронски изјави дека фабриката била намерно погодена, при што пет беспилотни летала го погодиле местото од 28 лансирани кон Виница.

„Нападот врз фабриката на компанијата 'Барлинек' во Виница, која е во полска сопственост и се занимава само со цивилно производство, е кршење на меѓународното право“, напиша тој на X.

По нападот Варшава повика претставник на руската амбасада за да поднесе официјален протест.