свет, живот

Индонезија: Терапија со делфини во лекувањето на децата со аутизам

„На моето дете, откако со терапевтот научи за плива и да нурка, не само што му се зацврстија мускулите, туку тоа, со длабоко земање воздух, се научи и да кажува долги реченици“, изјави Лина Будиоетомо, мајка на дете со аутизам

Mahmut Atanur  | 17.07.2018 - Обновена : 18.07.2018
Индонезија: Терапија со делфини во лекувањето на децата со аутизам

Jakarta Raya

ЏАКАРТА (АА) - Махмут Атанур

Во Индонезија се спроведува терапија со делфини за социјален и физички развој на децата со аутизам, јавува Anadolu Agency (AA).

Во подрачјето Анкол, во главниот град Џакарта се наоѓа Клиниката за терапија со делфини, која, освен за развој на комуникацијата и социјалните вештини на децата со аутизам, се користи и за унапредување на физичките способности на овие деца. Во Клиниката за која родителите на децата покажуваат голем интерес, лекувањето се спроведува со специјална програма за секое дете одделно, во зависност од неговата состојба.

Инструкторите, на терапиите на кои присуствуваат и семејствата, играјќи во групи и со различни активности, со наизменични прашања и одговори имаат за цел да го фокусираат вниманието на децата заради зацврстување на нивната социјална комуникација.

Лина Будиоетомо за АА изјави: „За постоењето на Центарот за лекување на децата со аутизам дознав од еден мој пријател. Моето дете е аутист и има намален тонус на мускулната маса. Мојот син Виктор има 6 години, а од негови 2,5 години го посетува Центарот за терапија со делфини.“

Лина соопшти дека по терапијата децата се поактивни, и додаде: „На моето дете, откако со терапевтот научи за плива и да нурка, не само што му се зацврстија мускулите, туку тоа, со длабоко земање воздух, се научи и да кажува долги реченици. Претходно само ги придвижуваше усните и можеше да произведува одредени гласови. Покрај тоа, воспоставувајќи контакт преку очите, започна да комуницира со луѓето. Задоволна сум од точката до која дојдовме со терапијата.“

Чандра Арис Гунаван, вработен во Клиниката, 13 години се занимава со терапијата со делфини. Тој изјави дека својата прва терапија со делфини ја направил во американската сојузна држава Флорида, по што, во 2005 година отвора сопствен центар за терапија, кој е прв од овој тип во југоисточна Азија.

„Околу 70% од децата сакаат да си играат со вода и комуникацијата со нив во водена средина за нас е многу полесна. Децата со аутизам главно имаат и нарушување на вниманието. Примамливата и симпатична ситуација со делфините ни помага да го привлечеме вниманието кај децата, во насока на подобрување на нивниот развој“, изјави Гунаван.

Истакнувајќи дека делфините во водите на Индонезија имаат способност за поголема интеракција со луѓето, Гунаван посочи: „Делфините, додека пливаат заедно со децата аутисти, за време на терапијата испуштаат звучни бранови со висока фреквенција. Овие високофреквентни гласови дејствуваат позитивно врз неурамнотеженоста на функцијата на мозокот. Интересен е фактот дека делфините не ги произведуваат овие гласови кога во базенот пливаат со нормални луѓе.“

Покрај тоа, Гунаван истакна дека поради одредените фази во развојот на мозокот по 5-тата година кај децата со аутизам, многу е важно терапијата со делфини да се започне пред оваа возраст.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.