политика

Џафери ги распиша претседателските избори за 21 април

„Во периодот кој доаѓа, Република Македонија ќе го полага тестот на капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кој ќе нè вреднуваат и оценуваат...“

Husamedin Gina  | 08.02.2019 - Обновена : 09.02.2019
Џафери ги распиша претседателските избори за 21 април

Skopje

СКОПЈЕ (AA) – Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска го потпиша решението за распишување на претседателските избори и предвремени локални избори за градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село. Првиот круг од изборите треба да се одржи на 21 април, јавува Anadolu Agency (AA).

Веднаш по потпишувањето на решението, претседателот Талат Џафери даде изјава за медиуми. 

„Пред малку ги потпишав решенијата за распишување на 6-тите претседателски избори и решението за распишување предвремени избори за градоначалник на општина Охрид, општина Ново Село и општина Дебар; ова го направив согласно законската обврска што ја имам како претседател на Собранието. Изборите ќе се одржат на 21 април. Решението за распишување на изборите ќе биде доставена до Државната изборна комисија како орган за спроведување на изборите”, рече Џафери. 

Секои нови избори се можност за надградба на добиената позитивна оценка од претходните истакна Џафери, додавајќи дека патот за НАТО и ЕУ е трасиран и дека 30-то столче во НАТО е на Македонија. 

„Во периодот кој доаѓа, Република Македонија ќе го полага тестот на капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кој ќе нè вреднуваат и оценуваат. Затоа ги повикувам сите учесници во престојната претседателска изборна трка, политичките партии и вас граѓаните да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни избори какви што ѝ доликуваат на европска, демократска држава заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните“, нагласи Џафери. 

Тој упати повик и до надлежните институции да направат сè, изборниот ден да помине во мирна и демократска атмосфера. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.