политика

Шекеринска: „Недели нè делат од членството во НАТО“

„Македонија заврши со чекањето. Недели нè делат од она за што работевме повеќе од 20 години, а тоа е македонското знаме...“, истакна Шекеринска по средбата со словенечкиот министер за одбрана Ерјавец

Husameddin Gina  | 21.01.2019 - Обновена : 21.01.2019
Шекеринска: „Недели нè делат од членството во НАТО“ Vedat Abdul/АА

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – „Недели нè делат од зачленувањето во НАТО алијансата, од она за што работевме повеќе од 20 години“, изјави денеска министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, по средбата со министерот за одбрана на Словенија, Карл Ерјавец, кој престојува во официјална посета на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

По средбата во Министерството за одбрана, Шекеринска и Ерјавец се обратија на заедничка прес-конференција.

„Вие како Словенија имате право да бидете горди на нашиот успех“, посочи Шекеринска, додавајќи дека во успехот на Македонија на планот за членство во НАТО и членство во ЕУ има силна словенечка боја.

„Македонија заврши со чекањето. Недели нè делат од она за што работевме повеќе од 20 години, недели нè делат од она на што се посветивме во изминатава година и половина, а тоа е македонското знаме, ние како македонски претставници да седнеме на иста маса со 29-те сојузници и членки на НАТО-алијансата“, изјави Шекеринска.

Шекеринска, исто така, потсети дека повеќе од 25 години Словенија несебично и постојано ја поддржуваше Македонија за зачленување во НАТО и ЕУ.

„Словенија е сериозна држава и таа своја поддршка не ја дава бланко. Не ја дава само на зборови. Мислам дека во изминатава година и половина ние покажавме дека оваа поддршка ја цениме, меѓутоа и дека испорачуваме како држава. Она што се наши обврски, она што се наши вредности“, додаде таа.

Потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Словенија, Карл Ерјавец, истакна дека Словенија дава безрезервна поддршка за влез на Македонија во НАТО.

„Словенија сестрано ја поддржува Македонија во нејзините напори за влез во НАТО, тоа го покажавме и со фактот дека контакт-амбасада за влез во НАТО е словенечката Амбасада, имаме тука наши претставници и постојано ќе ја поддржуваме Македонија во нејзините напори за влез во НАТО-сојузот“, нагласи Карл Ерјавец.

Тој, наведувајќи дека е оптимист дека и грчката страна ќе го исполни својот дел од договорот, изјави дека Република Словенија го потпишала претпристапниот протокол за влез на Република Македонија во НАТО-сојузот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.