политика, Балкан

Скопје: Започна осмиот Форум на граѓанско општество на Западен Балкан

„Темата доаѓа во вистинско време, затоа што сум уверен дека пораките од овој форум, исто како и пораките од посетите на претседателката Фон дер Лајен и комесарот Вархеј ќе стигнат до Брдо кај Краљ во Словенија...“

Edıta Zekjırovıc  | 30.09.2021 - Обновена : 01.10.2021
Скопје: Започна осмиот Форум на граѓанско општество на Западен Балкан Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Започна осмиот Форум на граѓанско општество на Западен Балкан, кој е организиран од страна на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) и ќе трае до утре, јавува Агенција Анадолија (АА).

Форумот го отвори премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, а учествуваа бројни претставници од Европската Унија (ЕУ) и дипломати, а дел од нив се обратија и преку видеопроекција.

Премиерот Заев смета дека првата тема од концепт-документот за Форумот на граѓанско општество - зајакнувањето на пристапниот процес, кредибилната перспектива на ЕУ за Западен Балкан е вистинска тема во вистинско време.

„Темата доаѓа во вистинско време, затоа што сум уверен дека пораките од овој форум, исто како и пораките од посетите на претседателката Фон дер Лајен и комесарот Вархеј ќе стигнат до Брдо кај Краљ во Словенија, кога на 6 октомври ќе се одржи Самитот на Европската Унија за Западен Балкан“, рече Заев, кој деновите се состана со eврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Криста Швенг, претседателката на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), истакна дека нивниот комитет ќе даде јасна поддршка на напорите што Северна Македонија ги презема за конечно започнување на пристапните преговори со ЕУ.

„Нашиот комитет е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ со земјите што ги исполнуваат сите потребни критериуми. Јас сум убедена дека Северна Македонија ги исполни сите критериуми за започнување на пристапни преговори и дека меѓувладината конференција, на која првите поглавја за преговори помеѓу ЕУ и вашата земја ќе бидат отворени, треба да се одржат без застој“, додаде Швенг.

Започнувајќи во 2006 година, форумот се одржува на секои две години, а неговата цел е да создава можности за размена на гледишта за моменталната состојба на граѓанското општество во регионот, неговите потреби и понатамошен развој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.