политика, Балкан

Пендаровски во посета на Косово, оствари средба со косовската претседателка Османи

„Дијалогот е единствениот механизам преку кој по распадот на поранешна Југославија, земјите од регионот успеаја да постигнат напредок на многу полиња“

Agim Sulaj  | 15.12.2021 - Обновена : 16.12.2021
Пендаровски во посета на Косово, оствари средба со косовската претседателка Османи Фото: Erkin Keçi/AA

ПРИШТИНА 

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, реализира официјална посета на Косово во чии рамки беше пречекан со државна церемонија од страна на претседателката на Косово, Вјоса Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).

По официјалниот пречек на Плоштадот „Ибрахим Ругова“ во Приштина, Пендаровски и Османи остварија средба во Кабинетот на косовската претседателка, по која следуваше заедничката прес-конференција.

Пендаровски истакна дека очекува да се реализираат 11-те билатерални договори потпишани на состанокот меѓу двете влади одржан пред извесно време.

Претседателот нагласи дека што се однесува до надворешната политика, Косово и Северна Македонија имаа слични цели, а тоа е целосна интеграција во ЕУ.

Тој истакна дека со претседателката Османи разговарал и за прашањето за дијалогот меѓу Косово и Србија, за кој рече дека се свесни дека е тежок и компликуван процес.

„Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави. Во таа насока, го поздравуваме и постигнатиот договор за деескалација на тензиите во северно Косово постигнат со посредство на Европската Унија. Во овој контекст сакам да констатирам дека дијалогот е единствениот механизам преку кој по распадот на поранешна Југославија, земјите од регионот успеаја да постигнат напредок на многу полиња“, нагласи Пендаровски.

Претседателот на Северна Македонија се осврна и на иницијативата „Отворен Балкан“, за која истакна дека не може да има успех сѐ додека во неа не се вклучени сите земји.

Тој рече дека од 2019 година оваа иницијатива ја гледа со скептицизам, бидејќи наместо во неа да бидат шест земји, таму се само три.

Косовската претседателка Вјоса Османи истакна дека патот кон Европската Унија (ЕУ) ги обединува двете соседни земји Косово и Северна Македонија.

Таа нагласи дека Северна Македонија не ја сметаат само како сосед, туку и партнер во повеќе процеси.

Косовската претседателка упати благодарност до Пендаровски поради поддржувањето на Косово во процесите на интеграција на оваа земја, и рече дека очекуваат оваа поддршка да продолжи и понатаму.

„Интеграцијата во Европската Унија останува приоритет над приоритетите, и е еден процес кој нѐ обединува и ни помага да продолжиме да си помагаме едни на други. Треба да истакнам дека и покрај фактот што Косово ги исполнило сите критериуми за визна либерализација, ЕУ не го одржа ветувањето. Во овој контекст, сакам да упатам благодарност до претседателот Пендаровски кој беше гласен во насока на поддржување на процесот за визна либерализација за Косово“, рече таа.

Османи се осврна и на случајот „Диво насеље“ во Куманово, нагласувајќи дека треба да се чека до крај процесот кој се наоѓа во Врховниот суд.

Таа истакна дека премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, изразил дека е подготвен да има меѓународна истрага за случајот, и дека Косово е подготвено да помага во оваа насока.

Инаку, Пендаровски, во рамки на посетата на Косово, се сретна и со претседателот на косовскиот Парламент, Гљаук Коњуфца.



Ова е прва посета на Пендаровски на Косово од преземањето на претседателската функција во 2019 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.