политика, Балкан

Лидерите од Западен Балкан со иронија за нечленството на регионот во ЕУ

„Трансатлантските врски мора да бидат трансформабилни, со цел да одговорат на кој било предизвик со кој може да се соочиме во иднина, и овој одговор мора да биде едногласен, силен, стабилен, брз и решителен“

Abdula Berisha  | 02.07.2021 - Обновена : 04.07.2021
Лидерите од Западен Балкан со иронија за нечленството на регионот во ЕУ Фото: Furkan Abdula/AA

ОХРИД (AA) - Премиерите на земјите од регионот учествуваа на вториот дел од пленарната сесија на високо ниво под наслов „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“, што се одржа во рамките на Преспа Форумот за дијалог (ПФД), јавува Агенција Анадолија (AA).

Истакнувајќи дека кога трансатлантските врски се силни, Западен Балкан е силен и стабилен, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека треба да има трансформација на трансатлантските врски.

„Трансатлантските врски мора да бидат трансформабилни, со цел да одговорат на кој било предизвик со кој може да се соочиме во иднина, и овој одговор мора да биде едногласен, силен, стабилен, брз и решителен“, рече Заев.

Тој, исто така истакна дека ЕУ може да постави приоритети, критериуми или датуми за членство, но не може да ги утврди географската локација, културата и европскиот идентитет, како и европската иднина.

- „Ако можеме да ја измериме депресијата, тие во ЕУ се подепресивни од нас“ -

Говорејќи за недостигот на одлука кај ЕУ за закажување меѓувладини состаноци со ЕУ и за почеток на преговорите, премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека тоа повеќе не го импресионира.

Правејќи компарација, тој рече дека може да организирате свадба еднаш и двапати со сите свечености, но невестата да не се појави, а кога невестата конечно ќе се појави, вие веќе не организирате свадба.

„Ние дури и не треба да им кажуваме на овие луѓе кои доаѓаат од Европа: Слушајте, ако не нè земете, други ќе нè земат, трети актери ќе дојдат до нас. Се чини дека сме слаби младоженеци кои им велат на невестите: Еј, ако не нѐ ожените, има некои кучки што ќе нѐ оженат. Не! Заборавете! Не сакам понатаму да кажувам „ние сме фрустрирани, ние сме депресивни“. Не, не сме фрустрирани, не сме депресивни. Ние сме добро, добро сме. Искрено, ако можеме да ја измериме депресијата, тие се подепресивни од нас, во Европската Унија, тие се пофрустрирани од нас. Поради тоа, да не зборуваме за фрустрација и депресија“, заклучи Рама.

Надоврзувајќи се на премиерот Рама, српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека ги надминале чувствата на фрустрација и депресија, додавајќи дека сега станува збор за чувство на ослободување, за што иронично ѝ се заблагодари на ЕУ.

„Во моментот, вие сте депресивни, фрустрирани, и пак депресивни, фрустрирани и потоа не очекувате ништо повеќе и сте ослободени. Така се чувствуваме сите, и не би го имале тоа без ЕУ, ви благодарам на тоа“, рече Брнабиќ.

Таа, исто така рече дека во меѓувреме земјите се фокусираат повеќе на регионалната соработка, односно на работите што земјите од регионот можат заедно да ги направат за да го зголемат квалитетот на животот на луѓето.

- „Сепак, ЕУ е нашата најдобра надеж“ -

Косовскиот премиер, Албин Курти, во својот говор истакна дека Косово го дели разочарувањето што ЕУ не ги започна преговорите за членство со Северна Македонија и со Албанија, но истакна дека повторно ЕУ е единствената алтернатива.

„Да се ​​биде единствената земја на чии граѓани им е забранета визната либерализација, верувајте ми, целосно ја разбираме фрустрираноста. Сепак, мора да покажеме сила и трпеливост и да не носиме избрзани одлуки што не служат на интересите на нашите земји, ниту на интересите на нашите граѓани и нашиот регион. Да, ЕУ е спора, да, и недостасува единство, но сепак ЕУ е нашата најдобра надеж, и да бидам искрен, таа е единствената алтернатива што ја имаме, не затоа што немаме друг избор, туку затоа што ние природно припаѓаме таму“, рече Курти.

Премиерот на Косово исто така рече дека земјите не треба да избегнуваат одговорност со активности што предизвикуваат неизвесност и раздор меѓу балканските земји, како што е т.н. Иницијатива Мини-Шенген.

„Оваа иницијатива е силно одбиена од Косово“, рече Курти, додавајќи дека незадоволството од ЕУ не треба да се инструментализира од земјите кои не го сакаат НАТО и ја прифаќаат Руската Федерација.

Да потсетиме, вчера и денеска во Охрид и Отешево во Северна Македонија за првпат се одржува Преспа Форумот за дијалог со Конференцијата насловена „Западен Балкан: Делот што недостига да биде Европа целосна“.







На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.