политика, Балкан

Косово: Изгласана новата Влада предводена од премиерот Авдулах Хоти

Новата Влада има четворица вицепремиери и 16 министерства, едно министерство повеќе во однос на досегашната Влада

Agim Sulaj  | 03.06.2020 - Обновена : 04.06.2020
Косово: Изгласана новата Влада предводена од премиерот Авдулах Хоти

ПРИШТИНА

Собранието на Косово денеска на вонредна седница ја избра новата Влада на Косово на чело со премиерот Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), како втора влада по парламентарните избори одржани на 6 октомври минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Од 86 присутни пратеници за Владата на Хоти гласаа 61 пратеник, против беа 24, а еден воздржан. За избор на Владата беше потребно просто мнозинство гласови, или 61 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Косово.

Во владејачката коалиција, покрај Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднина на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, се и Социјалдемократската иницијатива за Косово (Нисма) на Фатмир Лимај, Српската листа и партиите на останатите немнозински заедници. Во собраниската сала не беа присутни пратениците од движењето „Самоопределување“.

Во новата Влада го нема „Самоопределување“ на досегашниот премиер Албин Курти. Таа партија е со став дека која било Влада без изборниот победник не може да има легитимитет. Седницата ја водеше пратеникот од ЛДК, Кујтим Шала, затоа што претседателката на Собранието, Вјоса Османи, ја бојкотира седницата. Османи беше кандидат за премиер од ЛДК на октомвриските избори, но не го поддржува изборот на новата Влада без „Самоопределување“.

Новата Влада има четворица вицепремиери и 16 министерства, едно министерство повеќе во однос на претходната влада.

Од Демократскиот сојуз на Косово се вицепремиерот Дритон Семанај; министерката за финансии, Хикмете Бајрами; министерот за земјоделство, Бесиан Мустафа; министерката за култура, науки и спорт, Влора Думоши; министерот за одбрана, Антон Куни; министерот за внатрешни работи, Агим Велиу; министерот за инфраструктура, Арбан Абраши и министерот за здравство, Арменд Земај.

Од ААК е првиот вицепремиер Бесник Тахири и министерот за правда, Селим Селими, министерката за надворешни работи, Мелиза Харадинај Стубла, министерот за економски развој и животна средина, Блерим Кучи и министерот за образование, Рам Ликај.

Членови на Владата од Нисма се вицепремиерката Албулена Белај Халими, министерот за трговија и индустрија, Весел Красничи и министерот за труд и социјална политика, Скендер Речица.

Од Српската листа се заменик-премиерот и министер за администрација на локалната самоуправа, Горан Ракиќ и Далибор Јевтиќ, министер за заедници.

Во име на останатите заедници, Енис Керван од Турската демократска партија на Косово е новиот министер за регионален развој.

Новиот премиер Хоти, претставувајќи ја владината програма, истакна дека Владата ќе има два моментални приоритети, борбата против пандемијата на Ковид-19 и обновата на економијата по оваа пандемија, а паралелно и други приоритети како што се јакнење на државата, сувереноста и интегритетот, унапредување на демократијата, борбата против негативините појави, особено на организираните злосторства и корупцијата, економски развој и преземање на уставните одговорности во водење на дијалогот со Србија во соработка со САД и ЕУ без промена на територии и граници.

Хоти истакна дека новата Влада ќе работи на унапредување на европските интеграции, ќе ја брани слободата на граѓаните и слободата на изразување без линчување.

„Ние сме народ на кого му е потребна Влада која му служи, а не обратно, Влада на која ѝ е потребен народ за експериментирање“, рече Хоти.

Порача дека никој не смее да го загрози независно и суверено Косово и дека сите во општеството мора да бидат третирани рамноправно, без оглед на разликите.

„Ние мораме да ги унапредиме односите со заедниците кои го сочинуваат ова општество. Треба да се грижиме за припадниците на заедниците додека тие не бидат потполно интегрирани во општеството, вработувањето, институциите и во секоја друга област на животот“, рече Хоти и додаде:

„Дијалогот со Србија е од витално значење за Косово и мора да се води јасно со одредени цели.“

Порача дека севкупната спогодба ќе се заснова на заемно признавање и така ќе се обезбеди долгорочна стабилност на Косово и зачленување во Обединетите наци (ОН), со гаранција на интеграциите во НАТО и ЕУ.

Хоти рече дека за дијалог е потребен општ консензус во Косово и дека улогата на опозицијата е неизбежна.

„Во дијалогот треба да бидеме сите заедно, бидејќи успешно завршување е во интерес на целата политичка сцена и на косовските граѓани“, рече тој.

Потенцира дека САД и ЕУ мора да бидат вклучени и во постигнувањето договор со Србија и дека мора да ги сочуваат и зајакнат историските односи со САД, кои се оштетени со антиамериканската политика, алудирајќи на начинот на кој кон САД се однесува Албин Курти. Истакна дека новата Влада гарантира дека нема да ги напаѓа оние кои ја критикуваат Владата.

Сите партии кои се дел од новата владејачка коалиција го поддржаа изборот на новата Влада, а меѓу нив и Српската листа. Игор Симиќ, шеф на пратеничката група Српска листа, изјави дека српските пратеници врз основа на коалициски договор ќе го поддржат изборот на новата Влада.

Пратеникот и лидер на опозициската Демократска партија на Косово, Кадри Весели, изјави дека новата Влада на премиерот Хоти е лоша копија на Владата на Курти.

Шефот на пратеничката група „Самоопределувње“, Реџеп Селими, изјави дека новата Влада ќе биде нелегална и нелегитимна, затоа што за неговата партија декретот на претседателот Тачи со кој е именуван Хоти за мандатар е неуставен. Тој го обвини Уставниот суд дека донел неуставна одлука.

За време на седницата пред зградата на Собранието протестираа група граѓани, кои го извикуваа името на Албин Курти и кои се спротивставуваат на изборот на новата Влада.

Уставниот суд на Косово на 28 мај доцна навечер соопшти дека едногласно одлучил декретот на претседателот на Косово за именување на Хоти од второпласираната партија Демократски сојуз на Косово за мандатар на новата Влада е во согласност со Уставот на Косово. Тачи ја поздрави оваа одлука и ги повика институциите да ја реализираат.

Меѓутоа, косовскиот премиер на должност и лидерот на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, одлуката на Уставниот суд ја оцени за неправедна и неприфатлива. Курти бара закажување на нови избори. Уставниот суд, уставноста на одлуката на Тачи ја разгледуваше на барање на движењето „Самоопределување“, предводено од Албин Курти, чија влада падна на 25 март во Собранието на Косово на барање на коалицискиот партнер Демократски сојуз на Косово (ЛДК) поради несогласување во рамките на коалицијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.