политика

Заев во Вашингтон се состана со потпретседателот на САД, Пенс

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, нагласи дека Белата Куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.

Admir Fazlagic  | 21.09.2018 - Обновена : 21.09.2018
Заев во Вашингтон се состана со потпретседателот на САД, Пенс ( Фото: Влада на Република Македонија )

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Вашингтон, имаше средба со потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Мајк Пенс, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопшти прес службата на Владата на Република Македонија, премиерот Заев, придружуван од заменик претседателот за европски прашања Бујар Османи, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, и со членовите на неговата делегација, разговараа за актуелни политички прашања од интерес на граѓаните на двете земји.

На средбата во Белата Куќа, која дојде на покана на потпретседателот Пенс, премиерот Заев истакна дека оваа можност доаѓа во клучен историски момент за земјата, кога за десеттина дена, граѓаните ќе го одредат курсот на Република Македонија кон нејзината иднина во НАТО и ЕУ.

Заев го запозна потпретседателот Пенс за активностите за спроведувањето на референдумот на 30 септември, како чекор кој ќе ја потврди иднината на земјата во НАТО и ЕУ, и дека во таа насока, тој ги повика сите политички лидери, вклучувајќи ја и опозицијата, да се вградат во таа иднина.

Премиерот Заев за време на разговорот рече: „Република Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО, и дека граѓаните на нашата земја препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел, ќе се преточи во протокол за пристапување и со процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година."

На средбата со потпретседателот Пенс, премиерот Заев нагласи дека граѓаните на Македонија знаат дека евро-атлантската иднина, освен консолидација на политичките реформи, ќе донесе и економски раст, кој сакаме да го делиме и заеднички да го остваруваме и со сите наши соседи.

„Охрабрени и инспирирани од средбата со потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“, рече премиерот Заев на средбата со Пенс.

Според соопштението од Владата на Македонија, потпретседателот Пенс на средбата пренесе пораки и од претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.