политика, Балкан

Бујар Османи на Дубровник форум: „ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан“

„ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан, што би претставувало географска и политичка консолидација на европскиот континент“, истакна Османи

Furkan Abdula  | 10.07.2021 - Обновена : 11.07.2021
Бујар Османи на Дубровник форум: „ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан“

Скопје

Во рамките на учеството на овогодишниот Дубровник форум, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, имаше свое обраќање на панелот на министри за надворешни работи, насловен „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан: како да ставиме крај на карантинот?“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, во својот настап, Османи направил осврт на неодамна одржаниот Преспа форум за дијалог во Охрид, севкупниот реформски контекст поврзан со формалниот почеток на преговорите со ЕУ, како и на односот и очекувањата на земјите кандидати и претенденти за членство во ЕУ.

„ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан, што би претставувало географска и политичка консолидација на европскиот континент. Toj процес е од стратешки интерес за двете страни и потребно е поголемо вклучување на земјите од регионот во дебатата за иднината на ЕУ, на начин како иницијално беше овозможено за време на Преспа форумот и панелот на конференцијата Иднината на Европа“, истакна Османи.

Како што се вели во соопштението, Османи додал: „Во приближувањето на регионот до ЕУ, Брисел би морал да гарантира предвидлив и кредибилен процес, при што двете страни би се придржувале до прифатените обврски - испорачани реформи за формален почеток на преговори за членство, како за Северна Македонија и Албанија. Не постои друг начин Европа да биде целосна, освен интегрирањето на делот кој недостига.“

Се истакнува дека на панелот учествувале бројни претставници на министерско ниво и на други нивоа од Косово, Црна Гора, Албанија, Чешка, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, како и претставници на ЕУ.​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.