политика, Балкан

„Хрватска меѓу првите ќе го ратификува протоколот на Македонија за членство во НАТО“

„Сметаме дека премиерот Заев во изминатите неколку месеци направи низа смели потези кои овие денови доживуваат своја потврда преку различните одлуки на Собранието...“

Stipe Majic  | 03.12.2018 - Обновена : 04.12.2018
„Хрватска меѓу првите ќе го ратификува протоколот на Македонија за членство во НАТО“ Stipe Majić/AA

Zagreb

ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес престојува во Хрватска по повод состанокот на Средноевропската иницијатива (SEI), каде што беше примен од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, јавува Anadolu Agency (AA).

Ова е прва посета на Зоран Заев на Хрватска, како претседател на Владата на Република Македонија.

Хрватска и Македонија се две пријателски држави кои низа години се поддржуваат меѓусебно, се согласија двајцата премиери.

„Сметаме дека премиерот Заев во изминатите неколку месеци направи низа смели потези кои овие денови доживуваат своја потврда преку различните одлуки на Собранието. Очигледно, овие одлуки, откако ќе бидат потврдени, ќе ги овозможат и формални чекори за пристапување на Македонија во членство на НАТО“, рече хрватскиот премиер.

Пленковиќ порача дека Хрватска ќе биде меѓу првите земји што ќе го ратификуваат тој протокол и со тоа ќе даде сигнал на Македонија за интегрирање во составот за колективна одбрана, на кој Хрватска веќе припаѓа.

Тој рече дека очекува Македонија да ги отвори преговорите за членство во ЕУ во јуни следната година, истакнувајќи дека ова е процес кој од Македонија ќе бара многу реформи и ангажман.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се заблагодари на Хрватска за пријателската поддршка на Македонија на нејзиниот евроатлански пат.

Заев истакна дека процесот на зачленување во НАТО Македонија го започна во 2008 година, заедно со Хрватска, и дека по десет години со задоволство може да се утврди дека Македонија ќе стане 30. членка на НАТО.

Заев извести дека Македонија има постигнато значителен напредок во договор со соседите, при тоа истакнувајќи го оствареното пријателство со Бугарија и договорот со Грција, кој, како што рече, по 27 години ќе го реши прашањето за името.

„Верувам дека до крајот на јануари Собранието на Македонија ќе даде поддршка на Договорот со Грција, кога очекуваме и почеток на ратификацијата од страна на грчкиот Парламент, и ратификација на Протоколот од НАТО“, рече Заев.

Најави продолжување на борбата за реформа на правосудството и јавната администрација, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Трговската размена меѓу Хрватска и Македонија изнесува околу 150 милиони евра, при што Хрватска има трговски суфицит, а над 36.000 Македонци ја посетиле Хрватска во текот на оваа година.

Двајцата премиери ја нагласија важноста од јакнење на економската соработка на двете земји со оглед на познавањето на производите што се разменуваат.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е домаќин на состанокот на врвот на Средноевропската иницијатива (ЦЕИ), кој се одржува денес и утре, 3 и 4 декември, во Загреб.

Средноевропската иницијатива е еден од најстарите форуми за регионална соработка во средна и источна Европа, каде што членуваат осумнаесет држави.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.