образование, Балкан

Во Северна Македонија започна новата учебна година со физичко присуство

„Ако сите ги почитуваме протоколите и се грижиме за своето здравје и за здравјето на нашите најблиски, тогаш навистина имаме можност да одржиме континуитет на наставата со физичко присуство“, истакна министерката Царовска

Edıta Zekjırovıc  | 01.09.2021 - Обновена : 02.09.2021
Во Северна Македонија започна новата учебна година со физичко присуство Фото: Edıta Zekjırovıc/AA

СКОПЈЕ (АА) – Во присуство на владини претставници и локалните власти, како и на учениците кои се вратија во училишните клупи, а претходно ја следеа наставата онлајн поради состојбата со пандемијата на Ковид-19, се одбележа започнувањето на новата 2021/2022 учебна година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерката за образование и наука на Северна Македонија, Мила Царовска, присуствуваше на денешната прес-конференција што се одржа во СУГС Гимназија „Никола Карев“, организирана од страна на Град Скопје, по повод почетокот на новата учебна година.

Таа истакна дека во најголем интерес на сите ученици, со тоа и во најголем интерес на иднината на државата, е учениците да бидат со физичко присуство.

„Сметам дека спремни ја започнуваме учебната година со физичко присуство. Би сакала да потенцирам дека е многу значајно секој поединец којшто во моментот е во некаква конекција со системот за образование да биде одговорен. Мала неодговорност може да донесе да одредени училишта треба да го променат моделот на функционирање“, додаде Царовска.

Според министерката, со почитување на протоколите, може да се спречи ширењето на Ковид-19.

„Ако сите ги почитуваме протоколите и се грижиме за своето здравје и за здравјето на нашите најблиски, тогаш навистина имаме можност да одржиме континуитет на наставата со физичко присуство, а притоа да го заштитиме јавното здравје“, истакна Царовска.

На настанот, покрај Царовска присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на СУГС Гимназија „Никола Карев”, Андреј Манолев, како и амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри.

Градоначалникот Шилегов им посака успешен почеток на учебната година на учениците и професорите и упати порака сите да внимаваат на социјалната дистанца, правилното носење маски и придржување кон протоколите.

Се обрати и директорот на Гимназијата, Андреј Манолев, кој апелираше учениците да внимаваат на мерките со цел спречување на ширењето на Ковид-19.

„Секое дете задолжително треба да носи маска, на секое дете ќе му се мери температура на влез во училиштето и ќе му бидат дезинфицирани рацете“, истакна директорот.

Амбасадорот Силвестри рече дека за него претставува голема радост тоа што оваа година, во училиштето „Никола Карев“ ќе се започне со билингвална настава и на италијански јазик.

Инаку, исклучок од настава со физичко присуство се училиштата од Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, каде што поради епидемиолошката состојба, Комисијата за заразни болести донесе одлука учениците да не започнат со таков вид настава.

Учебната година ја започнуваат околу 187.000 основци и 70 илјади средношколци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.