наука и технологија, Коронавирус

Турски професор во САД разви ефикасен метод за лекување на сите варијанти на Ковид-19

„Поминавме низ многу тежок процес, изминаа скоро две години, сите сме многу уморни, но луѓето не треба да очајуваат. Мислам дека значителен дел од пандемијата ќе заврши со Омикрон...“

Islam Doğru  | 27.01.2022 - Обновена : 28.01.2022
Турски професор во САД разви ефикасен метод за лекување на сите варијанти на Ковид-19

ЊУЈОРК (АА) – ИСЛАМ ДОГРУ –

Работејќи како главен истражувач во Лабораторискиот институт „Џексон“ во Конектикат, САД, проф. д-р Дерја Унутмаз истакна дека постигнале значителен напредок во развивање нов метод на лекување кој може да биде ефикасен против сите варијанти на Ковид-19.

Унутмаз, кој работи како специјалист за имунологија веќе 30 години, во разговорот за Агенција Анадолија (АА) говореше за методот што го развиле користејќи технологија на синтетичка биологија.

Истакнувајќи дека варијантите на Ковид-19 можат да избегаат од антителата развиени од телото и дека затоа вакцинираните се заразуваат со вирусот, Унутмаз рече дека варијантата Омикрон, која моментално се шири низ светот, е најновиот пример за тоа.

Тој и неговиот тим истражувањето го започнале со прашањето „Дали можеме да развиеме имунолошки систем кој може да биде ефикасен против сите варијанти?“

„Тоа го постигнавме од неодамна. За каков вид на метод на лекување се работи? Всушност, овде користевме технологија за синтетичка биологија. На површината на вирусот има испакнатини кои ги нарекуваме шилести протеини, тоа се клучевите на вирусот. Користејќи го тоа, вирусот се закачува на бравата која се наоѓа на површината на клетката и влегува внатре. По тоа, тој произведува свои протеини, прави копии и ги шири во други клетки. Ова е многу посовршено во Омикрон, бидејќи тој го има сменето клучот на најдобар начин за да може многу подобро да се врзе за бравата, а истовремено избегнува антитела. Методот што го развивме е всушност начин да се зароби вирусот. Како го правиме ова? Ја зедовме бравата која се наоѓа на површината на оваа клетка и ја претворивме во молекула со синтетичка биологија. Кога вирусот ќе го види тоа, мисли дека се поврзува со бравата на клетката, се прикачува на неа и некаде се неутрализира, односно се блокира и не може да влезе во клетката.“

Истакнувајќи дека ниту една варијанта на Ковид-19 не може да го избегне овој метод, Унутмаз рече дека бидејќи вирусот со текот на развојот уште подобро се врзува за оваа синтетичка брава, нивната работа ќе биде ефективен метод во борбата против варијантите што може да се појават во иднина.

- „Исто така, се спречува вирусот да се шири на другите клетки“ -

Професор Унутмаз, за вториот одбранбен механизам што го развиле, рече:

„Ова всушност значи дека на имунолошката армија која се наоѓа во нас ѝ ги покажуваме клетките кои се заразени со вирусот. Тоа можеме да го опишеме како означување на непријателот, се разбира, ова го објаснувам едноставно. Во исто време, во заднина има снајперисти на имунолошкиот систем, кои ги нарекуваме Т-клетки. За нив е неопходно да им означиме која клетка го содржи вирусот. Втората страна на синтетичката молекула што ја произведуваме го прави тоа.“

Истакнувајќи дека синтетичките молекули им помагаат на Т-клетките да ги уништат инфицираните клетки, Унутмаз рече: „На овој начин го спречуваме вирусот да се репродуцира, односно да се шири на други клетки.“

Истакнувајќи дека се работи за метод кој е развиен за вирусот да не може да избега, Унутмаз рече дека овој технолошки метод може да се развие и да се користи и против досега новопојавените вируси.

- „Реакциите прикажани досега се многу позитивни“ -

Наведувајќи дека на овој метод работат околу една година, Унутмаз рече дека постигнале многу успешни резултати во лабораториска средина во програмирањето на клетките од синтетичката биологија и дека следните чекори се испитувања кај животни и луѓе.

„Мислиме дека студиите кај животни можеме да ги завршиме до лето, можеби и малку порано. По тоа, можеме повторно брзо да започнеме со студии кај луѓето и можеби да го разјасниме овој метод на лекување до крајот на годината“, нагласи Унутмаз.

Додавајќи дека се многу возбудени од она што е постигнато во студиите, Унутмаз рече дека првите реакции од научниците на претходно објавената студија биле многу позитивни и охрабрувачки.

„Всушност, две години се прават неверојатни студии за Ковид-19. Се разбира, ние сме многу среќни што можеме да развиеме таков метод. Другите научници или не помислиле на тоа или не успеале. Секако, тоа не е важно, важно е да имаме придобивка за човештвото. Досегашните реакции се многу позитивни“, рече професор Унутмаз.

- „Мислам дека значаен дел од пандемијата ќе заврши со Омикрон“ -

Професор Унутмаз посочи дека овој метод против Ковид-19 е прв, при што рече дека се инспирирани од имунотерапијата за рак на која работеле долго време и дека овој концепт го приспособиле на клетките заразени со вирусот.

Истакнувајќи дека овие студии биле поддржани од двајца турски лекари, од кои едниот е специјалист по имунологија кој живее во Турција, додаде: „Најдобрите научници и студенти кои дошле кај мене досега беа Турци, многу сум среќен што даваат поддршка особено на иновативни студии.“

Нагласувајќи дека биотехнологијата се развива во Турција и дека во иднина можеби дел од работите ќе можат да се извршуваат таму, Унутмаз во врска со појавата на Ковид-19 нагласи:

„Поминавме низ многу тежок процес, изминаа скоро две години, сите сме многу уморни, но луѓето не треба да очајуваат. Мислам дека значителен дел од пандемијата ќе заврши со Омикрон. Со методите што ги развивме ќе ја подготвиме нашата одбрана од идните варијанти. На крајот, човештвото и науката ќе победат, луѓето не треба да се грижат.“


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.