живот, култура и уметност

Фоторепортерката Цонг: 
„Емпатијата е клуч за раскажувањето приказна преку фотографии"

Цонг долго време мина во Уганда, каде што ги следеше случувањата во бегалските кампови во кои живеат жени, а позната е и по фотографиите кои ги направи во други африкански земји и во Авганистан

Firdevs Bulut, Emre Aytekin  | 25.06.2020 - Обновена : 26.06.2020
Фоторепортерката Цонг: 
„Емпатијата е клуч за раскажувањето приказна преку фотографии"

АНКАРА

- Фирдевс БУЛУТ / Емре АЈТЕКИН



Наградуваната фоторепортерка од Јужна Кореја, Џин Цонг, која е дел од учесниците на изложбата на фотографии „Егзодус-Дежа ву“ (Exodus-Deja vu), на кои се документирани патувањата на бегалците, изјави дека емпатијата е клучна за раскажување приказни преку фотографии, пишува Агенција Анадолија (АА).


Проектот „Егзодус-Дежа ву“ меѓународно е признат уште од неговата прва промоција во 2016 година. Содржи трудови на познати фотографи и фоторепортери, како што се Џошкун Арал, Гилермо Ариас, Јалда Моајери и Сергеј Пономарев. Во исто време Агенција Анадолија е глобален комуникациски партнер на настанот, заедно со други познати организации, меѓу кои и Канцеларијата за бегалци на Обединетите нации (UNHCR) и „Амнести интернешнл“ (Amnesty International).


Оваа година, поради пандемијата на коронавирусот, изложбата се одржува по пат на интернет, а отворена е на 20 јуни, Светскиот ден на бегалците. Фоторепортерите преку интернет зборуваа за трудовите објавени во рамките на проектот и за значењето на Светскиот ден на бегалците за фоторепортерите.


Фоторепортерката Цонг долго време мина во Уганда, каде што ги следеше случувањата во бегалските кампови во кои живеат жени, а позната е и по фотографиите кои ги направи во други африкански земји и во Авганистан.



- Цонг особено се фокусира на жените во бегалските групи


Многу фоторепортери во светот досега изработија бројни фотографии за бегалците, но Цонг својот фокус на интерес го постави врз жените во бегалските групи.

Меѓу 2006 и 2007 година живееше во Авганистан, каде што изработи серија фотографии за проблемите кои се однесуваат на жените, како што се нивното здравје, образование и воопшто за правата на жените.


По посетата на Демократска Република Конго во 2008 година, започна дополнително да се фокусира и на прашањето за сексуалното насилство врз жените. Во Нигерија изработи фотографии кои првенствено се занимаваат со последиците на сексуалното ропство, брак под принуда и резултатите од оружените судири гледани од женски аспект.


- „Добар репортер треба да ги одразува духот и реалноста на времето“


Цонг во интервјуто за АА по пат на интернет рече дека добар фоторепортер треба да ги одрази духот и реалноста на времето во кое живее.


„Јас за таа цел одлучив во моите трудови да ги слушам приказните на жените, да го слушам нивниот глас и потоа да ги прераскажувам нивните приказни“, рече таа.


Потсетувајќи се дека ја следела и ситуацијата и приказните на жените во бегалските кампови во Уганда откако Јужен Судан ја стекна својата независност во 2011 година, Цонг додаде дека преку тие фотографии сакала да ја прикаже храброста, но и траумите на тие жени бегалци.


„Секако дека би требало да се знае што сѐ можете да очекувате кога поради фотографија ќе заминете во конфликтно подрачје. Треба да бидете добро информиран и свесен за политичките случувања во таа земја. Но сепак, најважно, пред сѐ, би требало да чувствувате емпатија кон луѓето и на проблемите да гледате од аспект на милост“, смета Цонг.



- Проектот продолжува со други интервјуа


Првата изложба „Егзодус“ одржана е во 2016 година во Куала Лумпур, а по неа следуваа изложби во Бангкок, Чијанг Мај, Анкара и Истанбул. Оваа година беше планирано изложбата да обиколи неколку европски и американски градови, но тоа е откажано поради пандемијата на коронавирусот.


Фоторепортерите што учествуваат во овој проект секојдневно ќе бидат интервјуирани на страницата на Инстаграм за проектот. Изложбата на фотографии можете да ја погледнете на интернет-страницата „www.exodus-dejavu.com“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.