култура и уметност, Балкан

Учесниците на „Вевчанскиот карневал" се судрија со полицијата поради масовно собирање

Судирот со полицијата, во кој интервенираа и специјалните единици се случи во центарот на Вевчани, каде учесниците на карневалот се собираат за да ги покажат своите маски, откако маршираа, како и во изминатите години, од Долно маало кон Горно маало.

Abdulbesar Ademi  | 13.01.2021 - Обновена : 14.01.2021
Учесниците на „Вевчанскиот карневал" се судрија со полицијата поради масовно собирање ( Fotoreporter Abdulbesar Ademi / Anadolu Agency )

ВЕВЧАНИ

И покрај мерките против новиот коронавирус (Ковид-19) со кои се забранува масовното групирање, во Вевчани се одржа традиционалниот „Вевчански карневал", но учесниците се судрија со полициските сили откако тие одбија да се разотидат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Судирот со полицијата, во кој интервенираа и специјалните единици, се случи во центарот на Вевчани, каде учесниците на карневалот се собираат за да ги покажат своите маски, откако маршираа, како и во изминатите години, од Долно маало кон Горно маало.

Иако Општина Вевчани како главен организатор на „Вевчанскиот карневал“ ги откажа концертите и повика на почитување на правилата со цел спречување на ширењето на Ковид-19, соопшти и дека општината „никогаш не интервенирала и нема право да интервенира, а најмалку да го одложи празникот на Свети Василиј“.

Но, претходно, Василичарското друштво „Горна мала“ истакна дека карневалот ќе се одржи, но нема да има „домашни посети и други собири“. Обично, оваа провокативна манифестација преку разни маски и персонификации се одржува од 10 до 14 јануари. Во два од петте планирани дена, организаторите подготвуваат атрактивна музичка програма,а ден пред крајот на карневалот, групи маскирани лица дефилираат низ улиците на Вевчани.

Повеќето други активности на оваа манифестација се откажани, а во меѓувреме, не е познато дали утре манифестацијата ќе заврши како и обично со палење маски, или и таа активност ќе биде откажана поради пандемијата. Владата апелираше да не се одржи „Вевчанскиот карневал“ оваа година поради мерките кои се на сила со цел спречување на ширењето на коронавирусот, меѓу кои е и мерката за забрана за групирање на повеќе од четири лица.

„Вевчанскиот карневал“ се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во земјата со традиција од 1.400 години. Овој карневал преку разни маски и персонификации пренесува пораки за настаните што се случиле претходната година во земјата, регионот и светот, за кои дава своевидна критика.

Општина Вевчани и „Вевчанскиот карневал" се членки на Здружението на светски карневалски градови (FEEC).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.