Ekipa
25 Октомври 2021•Ажурирај: 26 Октомври 2021
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија аплицира рекордни 325.140 „бустер дози“ против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според Националната здравствена служба (NHS), во текот на изминатите три дена администрирани се над 800.000 дози.
„Фантастично е да се видат толку многу луѓе кои сакаат да резервираат за нивна витална вакцинација“, рече д-р Ники Канани, заменик-шеф на програмата за вакцини на NHS.
„Примањето на бустер дозата е од суштинско значење и е најдобриот начин да се заштитите себе си и вашите најблиски оваа зима. Вакцината е безбедна и ефикасна, затоа ве молиме пријавете се преку интернет доколку ги исполнувате условите или јавете се на 119 денес за да резервирате за вашата бустер доза што спасува живот“, додаде таа.
Околу 10 милиони луѓе во Велика Британија ги исполнуваат условите за „бустер доза“, меѓу кои се здравствените работници, лицата со хронични заболувања и оние на возраст од 50 години и повеќе.
Вакцинацијата за „бустер доза“ може да се резервира по најмалку шест месеци и една недела по примањето на втората доза на лицето кое ги исполнува условите.
Во меѓувреме, главната британска опозициска Лабуристичка партија ја повика Владата да го имплементира својот План Б за коронавирусот, кој вклучува построги ограничувања.
„Лабуристите како одговорна опозиција отсекогаш велеа дека ќе се следи науката, а денес видовме дека од САГЕ велат дека треба да бидат воведени некои аспекти од Планот Б како носењето маски во јавниот превоз и во продавниците и пофлексибилното работење од дома“, рече канцеларката во сенка Рејчел Ривс за Би-би -си, повикувајќи се на Научно-советодавната група за итни случаи, владино тело кое ги советува носителите на владини одлуки за време на вонредни состојби.
Канцеларот Риши Сунак се спротивстави на предлозите на лабуристите.
„Во моментов, податоците не сугерираат дека треба веднаш да се премине на Планот Б“, изјави Сунак за Би-би-си. „Премиерот всушност само рече дека постојано се разгледуваат податоците, како што очекувате од нас“.
„Ние надгледуваме сè, но во моментов податоците не сугерираат дека треба веднаш да преминеме на Планот Б. Но, секако, ќе внимаваме на тоа, и плановите се подготвени“.
Податоците на британската Влада објавени вчера покажаа дека низ Велика Британија во изминатите 24 часа имало 39.962 нови случаи, што е мало намалување во споредба со претходните денови на поголем број на случаи. Со ова вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата е над 8,7 милиони. Исто така, регистрирани се уште 72 смртни случаи, со што вкупниот број на починати од почетокот на пандемијата достигна 139.533.
Заклучно со 21 октомври, над 49,6 милиони луѓе во земјата примиле прва доза од вакцините на возраст од 12 и повеќе години, или 86,4 отсто, и над 45,5 милиони луѓе ја примиле втората доза, односно 79,2 отсто.