економија, Балкан

Владата на Косово воведе 100 отсто царина на стоки од Србија и БиХ

Одлуката е донесена на денешна седница на косовската Влада на предлог на министерот за трговија и индустрија Ендрит Шала.

Sibel Vezaj  | 21.11.2018 - Обновена : 22.11.2018
Владата на Косово воведе 100 отсто царина на стоки од Србија и БиХ

Pristina

ПРИШТИНА (AA) - Владата на Косово го усвои предлогот на министерот за трговија и индустрија на оваа земја, Ендрит Шала, за воведување 100 отсто царина на производите од Србија и Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Anadolu Agency (AA).

На денешната владина седница, министерoт Шала укажа на барањето од денес да се воведе мерката за царина од 100 отсто за стоките увезени од Србија и БиХ. Ова барање беше усвоено од страна на владиниот Кабинет, преку кој е воведена мерката за царина од 100 отсто за стоките со потекло од Србија и БиХ, со исклучок на меѓународни брендови.

- „Чекорите кои ги презедовме се во одбрана на интересот на граѓаните“

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, во изјава за медиумите по владината седница, истакна дека Косово го анализирало Договорот за слободна трговија на Централна Европа (ЦЕФТА) и дека забележале оти со години Србија не го почитувала.

„Се забележува дека во текот на сите години, односно од кога постои ЦЕФТА, Србија на Косово му поставила нетарифни бариери, односно не само еден данок како што е направено од наша страна, туку, на пример, се спротивставила на потеклото на стоките и самите косовски стоки имале тешкотии во влегувањето во Србија“, нагласи Харадинај и рече дека Србија вовела процедура за верификација, и оневозможила стоката да влезе или да се транспортира.

„Го попречила транспортот, и користела бројни мерки со кои Србија не ја почитувала ЦЕФТА“, додаде тој, според кого иако Косово неколку пати поднело жалба до ЦЕФТА и до другите институции на ЕУ, Србија повторно не го почитувала Договорот.

Харадинај истакна дека ова е легитимна мерка што ја презеле институциите на Косово, и дека овие мерки не ги донеле од задоволство, туку од принуда.

„Овие чекори што ги донесовме се во одбрана на интересот на граѓаните на Косово. Верувам дека ќе нè разберат и трговците, не е против нив, ниту против слободната трговија како принцип“, истакна Харадинај.

Косовскиот премиер нагласи дека Србија не покажува разбирање за нормализација, туку напротив нејзиниот пристап е против нормализација. „Мислам дека дијалогот е неизбежен, не можеме да бегаме од дијалог, треба да има дијалог, но и одбраната на нашите интереси е неизбежна“, додаде тој.

Харадинај по овој повод одговори и на прашањата на новинарите во врска со неуспешното членство на Косово во Интерпол, при што нагласи дека обезбедувањето на двотретинско мнозинство гласови од присутните земји е тежок глас на меѓународен план.

„Да, нормално дека Србија ја направи својата работа, но тоа што се случи е малку и геополитички“, рече Харадинај, додавајќи дека во првиот круг на гласањето добиле 76 гласа „за“.

„Ова е еден многу агресивен пристап на Србија во сите насоки за Косово“, истакна Харадинај.

Косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шала вчера издаде наредба со која се забранува продажба на производи кои не се однесуваат на Косово како држава.

На почетокот на месецот, Владата на Косово, исто така, на предлог на министерот Шала воведе заштитни мерки кои се однесуваат на увоз на сите производи произведени во Србија и БиХ. Мерките подразбираат данок од 10 отсто за сите производи воведени во Косово на кои земја на потекло им е Србија или БиХ, со исклучок на меѓународни брендови произведени во овие две држави. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın