политика

Рикер: „Северна Македонија е Европа“

„Визијата на САД за Западен Балкан, да бидам искрен, беше конзистентна во повеќе администрации и со децении. Тоа е визија за регион кој е во мир со себе, со своите соседи и целосно интегриран во европските и евроатлантските рамки“

Abdula Berisha   | 02.07.2021
Рикер: „Северна Македонија е Европа“ Фото: Furkan Abdula/АА

ОХРИД (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, одржа заедничка прес-конференција со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент, Филип Рикер, на која говореа за процесот на интеграција на земјата во Европската унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (AA).

Заев им се заблагодари на претставниците на Стејт департментот за учеството на Преспа Форумот за дијалог, како и за помошта на САД за интеграција на земјата во евроатлантските структури.

„Отворањето на пристапните преговори за членство во Европската Унија останува наш највисок стратешки приоритет и ја користам оваа прилика уште еднаш да го потенцирам она што верувам е јасно и за Брисел, дека билатералните прашања немаат место во преговарачката рамка, став за кој недвосмислено се согласивме со помошникот државен секретар, Филип Рикер“, рече Заев.

Тој, исто така, рече дека Северна Македонија ќе продолжи да бара заемно прифатливо решение со Бугарија, но истакна дека има некои прашања за кои не може да се преговара.

„Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена, стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен. Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност“, рече Заев.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања при американскиот Стејт департмент, Филип Рикер, го поздрави организирањето на Преспа форумот за дијалог, на кој рече дека се разговарало за унапредување на регионалната соработка, што, како што нагласи, е важно и за САД.

„Визијата на САД за Западен Балкан, да бидам искрен, беше конзистентна во повеќе администрации и со децении. Тоа е визија за регион кој е во мир со себе, со своите соседи и целосно интегриран во европските и евроатлантските рамки“, рече Рикер.

Тој истакна дека администрацијата на Бајден се фокусирала на соработката со постојните напори на Балканот како дел од целокупниот приоритет на САД за заживување на трансатлантските односи.

„Имам истакнато тука за време на оваа конференција и на многу билатерални состаноци што ги имав дека Северна Македонија е Европа. Ова е европска земја. Летав овде кон Европа. И ова секако не е вградено само во вашата историја, туку и во вашата географија“, рече Рикер.

Американскиот дипломат, исто така, ја повика ЕУ да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро, додавајќи дека тоа ќе донесе поголем просперитет и мир.

Заев и Рикер престојува во Охрид каде учествуваа на Преспа форумот за дијалог, кој вчера и денес беше организиран за прв пат од Северна Македонија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.