КИЧЕВО (АА) – ЏИХАД АЛИУ - Четирите текиња од Османлискиот период, кои се наоѓаат во Кичево, се подготвуваат за месецот Рамазан.
Градот Кичево, кој во времето на Илирите e познат како Ускана, во Византискиот период како Кицавис, и во подоцнежниот период како Катин Град, во 1385-та година бил освоен од Лала Шахин Паша, при што во градот се населува турско муслиманско население. Во првите години градот не доживеал значителни демографски промени, но подоцна под влијание на тарикатите Халвети и Бекташи, бројот на муслиманското население во градот значително се зголемил.
Во „градот на теќињата“ се наоѓаат четири теќиња, кои датираат од Османлискиот период и сѐ уште се добро сочувани.
Поглаварот на Халвет-и Хајати Баба Теќето, Али Фуат Селимоски (77), во разговор за АА, раскажа дека според преданието во 18-от век, во Македонија дошол Пир Мехмет Хајати, заштитникот на правецот Хајати, и за време на неговиот четиримесечен престој во Кичево се запознал со тогашниот оџа на џамијата, Ахмет Фитос.
Според зборовите на Селимоски, оџата на џамијата прифатил да прејде во тарикатот и џамијата ја претвора во теќе. Оттогаш наваму, во теќето биле назначени 30 поглавари, од кои 6-мина се од семејството Селимоски.
Селимоски истакна дека теќето сѐ уште е во функција и секој четврток навечер, во истото се изведува зикр (Спомнување на Господ).
„По секоја молитва го изведуваме ритуалот на зикрот. Една од главните традиции на теќето е по секојдневната утринска молитва, изведба на техеџуд молитвата“, кажа Селимоски.
Поглаварот Селимоски вели дека во теќето се почитуваат традициите својствени за месецот Рамазан и наведе дека во текот на месецот Рамазан, по секоја терави молитва, се изведува ритуалот на зикр, а секој четврток навечер по терави молитвата во теќето, ќе се одвива мукабеле (групно) читање на Куранот.
- Ифтар во теќето -
Синот на Али Фуат Селимоски, Ерџан Селимоски, ни раскажа дека во текот на месецот Рамазан, во теќето се организира ифтар.
„Освен за ифтар, посебно за Кадир Ноќта служиме и оброк за сехур (оброк пред почетокот на целодневниот пост). По полноќ читаме извадоци од Куранот и молитвени песни. По завршувањето на читањето, заедно сехуриме и ја изведуваме утринската молитва“, рече синот Ерџан.
Информирајќи не за останатите теќиња во градот, Ерџан Селимоски кажува дека Чулу Баба теќето е изградено од страна на еден татко кој дал збор дека ќе направи нешто доколку му оздрави детето.
Ерџан Селимоски ни раскажа дека Шех Селим теќето е основано во 1720 година, кога тројца браќа во три града (Радовиш, Кичево и Струга) во формираните теќиња сакале тарикатот да го рашират низ целата земја.
Селимоски раскажува дека во Кичево има уште едно Бекташи теќе.
- Саат кулата се урна поради неодржување -
Според податоците наведени во делото Камус-ул Алам, кое се смета за прва турска енциклопедија, напишана од османлискиот писател со албанско потекло Шемседин Сами, за време на Османлиското владеење во Кичево, постоеле пет џамии, пет текиња, едно средно и едно основно училиште, една медреса, една саат кула и една црква. Саат кулата, која се наоѓала во близина на калето во центарот на градот, се урнала поради нејзино долгогодишно неодржување. Според податоците од последниот попис во Македонија од 2002 година, во Кичево живеат околу 30.000 луѓе. Интересен е фактот дека од 2.000 лица со турско потекло, мал е бројот на поединци кои го знаат турскиот јазик.