Турција

Фламингата на соленото езеро Туз во Турција му даваат посебна убавина

Соленото езеро Туз е многу важно и за заштита на биодиверзитетот. Тоа го носи епитетот второ најсолено езеро во светот.

Abdullah Doğan   | 12.06.2019
Фламингата на соленото езеро Туз во Турција му даваат посебна убавина

КОЊА (АА) – АБДУЛА ДОГАН –

Во однос на видовите птици, соленото езеро Туз се наоѓа помеѓу најбогатите езера во Турција. Езерото секоја година угостува илјадници фламинга, пишува Anadolu Agency (AA).

Според извештајот за заштита на природното наследство за соленото езеро Туз, подготвен од страна на Генералниот директорат за заштита на животната средина, езерото Туз кое се наоѓа во затворен слив, и покрај своето тектонско потекло и големината, геолошки се смета за едно од најплитките езера во Турција. 

Туз се наоѓа во Централна Анадолија, опкружено со висорамнините Џиханбејли и Хајмана, во најнискиот дел на регионот. 

Езерото, чија длабочина на многу места е помала од половина метар, напролет кога се зголемува нивото на водата достигнува површина од 164.200 хектари. Седумдесет отсто од потребите за сол на Турција се обезбедуваат од ова езеро. Регионот е многу слаб со врнежи, затоа областа не е богата со реки. 

Регионот, со својата уникатна природна структура и историски вредности, е вклучен на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО. 

- Мочуриште од класа „А“ -

Соленото езеро Туз е многу важно и за заштита на биодиверзитетот. Тоа го носи епитетот второ најсолено езеро во светот. Регионот распостранет на површина од 7.414 квадратни километри, според меѓународните критериуми, е класифициран како мочуриште од класа „А“. 

Езерото и во однос на присуството на птиците се смета за едно од најбогатите во Турција. Во рамките на проектот за истражување на биодиверзитетот, во соленото езеро Туз се идентификувани 71 ендемичен вид растенија. 

Од 226 видови растенија во областа, 2 вида се сметаат за чувствителни сорти и се заштитени со Бернската конвенција. Околу езерото, евидентирани се вкупно 412 вида фауна, од кои 241 вид на без'рбетници, 16 водни бентосни макробезрбетници, 8 риби, 22 водоземци и влекачи, 100 птици и 25 цицачи. За првпат се евидентирани 48 видови фауна. 

- Минатата година се родени 12. 746 фламинга -

Езерото Туз е едно од најважните мочуришта каде што се раѓаат фламингата. Затоа секоја година езерото го посетуваат многу домашни и странски туристи, кое е домаќин на илјадници фламинга. 

Во рамките на проектот за зачувување и следење на мочуриштата, минатата година, во соленото езеро беа истражувани и следени птиците. 

Според извештајот, бројот на родените фламинга во езерото минатата година изнесувал 12.746. При набљудувањата утврдено е дека фламингата имале здрав развоен период и дека како поединци се вклучиле меѓу постарите фламинга. 




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın