Турција

Словенија ѝ додели медал на турска скијачка за спасувањето дете

Словенечкиот амбасадор во Анкара, Примоз Селиго, ѝ го додели Медалот на словенечката полиција за несебичност, на 20-годишната спортистка Сила Кара

Can Erözden   | 16.10.2020
Словенија ѝ додели медал на турска скијачка за спасувањето дете

АНКАРА (АА) - Словенечката полиција ѝ додели медал на турска алпска скијачка за нејзиниот херојски акт за спасување на животот на дете во Словенија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Словенечкиот амбасадор во Анкара, Примоз Селиго, ѝ го додели Медалот на словенечката полиција за несебичност, на 20-годишната спортистка Сила Кара на свеченост одржана во Амбасадата во турскиот главен град.

Кара го спаси животот на 12-годишно момче во словенечкото скијачко одморалиште Крвавец, спречувајќи момчето да падне од ски-лифтот.

На свеченоста присуствуваше и турскиот министер за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу.

„Нашата успешна спортистка Сила Кара спаси живот на дете на меѓународен натпревар во скијање на херојски и храбар начин“, рече Касапоглу и ѝ оддаде признание на Кара за нејзините храброст и пожртвуваност, хуманост, љубов, милост и сочувство.

Касапоглу рече дека таа исто така придонела кон спортскиот дух спасувајќи живот бидејќи „спортот значи братство и љубов и значи спасување живот кога е потребно“.

Кара, од своја страна, рече дека спортистите треба да дадат сè од себе во спортот, но треба да го сторат истото и на секоја платформа и за човештвото.

Таа ѝ се заблагодари на Словенија за оваа чест и испрати поздрав до словенечкиот народ.

Кара додаде дека се надева дека целиот свет ќе вложи крајни напори да ги одржи луѓето во живот и да воспостави општествен мир.

- Кара го држеше момчето в раце цели 15 минути -

Момчето, кое било до Кара на седиштето од ски-лифтот, изгубило рамнотежа. Успеало да ги зграби скиите на Кара во последниот обид да се задржи да не падне. Тогаш Кара го фатила момчето и го држела 15 минути додека висело во воздухот, а потоа пристигнала ски-патролата.

Во соопштението се вели дека Кара била почестена со медал од полицијата на Крвавец за нејзината храброст. Таа беше меѓу натпреварувачите на велеслаломот во Крвавец, кој се одржа на 12-13 февруари.

Говорејќи за инцидентот, Кара тогаш изјави дека момчето се испаничило откако се слизнало од ски-лифтот.

„Ги фрлив скијачките стапови и ги извадив нараквиците со устата. Кога ги вадев ракавиците, тој плачеше и викаше ’Те молам, фати ме со двете раце‘“, рече Кара, додавајќи дека го држела момчето со двете раце речиси 15 минути.

Таа рече дека ски-патролата и вработените во ски-центарот пристигнале на местото на настанот и тогаш го пуштила момчето да падне на заштитната мрежа.

„Слегов да го проверам момчето и тие [патролата и вработените] ми рекоа дека е во добра состојба и дека нема никакви проблеми“, изјави Кара.

„[По спасувањето на момчето] словенечките телевизиски канали порачаа „Пронајдете ја оваа девојка херој [...]“, а потоа началникот на полицијата и службениците ми доделија медал за благодарност на аеродромот“, рече таа.

Кара нагласи дека нејзина должност била да го спаси животот на детето и дека е многу среќна што успеала во тоа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.