Турција

Сведочење на покајник од ФЕТО: „Како средношколец добив кодно име“

Припадникот на ФЕТО со иницијали A. Н. Ј. е уапсен во рамките на истрагата која против структурите на ФЕТО, по што детално опиша како додека бил матурант во средно училиште, влегол во ФЕТО

Savaş Güler   | 17.02.2020
Сведочење на покајник од ФЕТО: „Како средношколец добив кодно име“

КОЊА (АА) - САВАШ ЃУЛЕР -

Припадник на терористичката организација ФЕТО, кој беше уапсен, а потоа ја призна вината и беше пуштен на слободен со мерки на забрана, откри на кој начин уште како средношколец бил врбуван во терористичката организација ФЕТО и дека уште тогаш добил кодно име, пишува Агенција Анадолија (АА).

Припадникот на ФЕТО со иницијали A. Н. Ј. е уапсен во рамките на истрагата која против структурите на ФЕТО ја водеше Републичкото обвинителство во Коња. По апсењето тој ја призна вината, а потоа даде изјава во која детално опишува како додека бил матурант на средно училиште, влегол во ФЕТО.

Тој изјави дека во четвртата година од своето средно образование со пријателите започнал да посетува т.н. „куќи на светлината“ (станови на ФЕТО во кои за време на школувањето престојуваат ученици и студенти). А. Н. Ј. понатаму наведе дека во куќите доаѓал високорангиран припадник на ФЕТО (махрем аби) со кодно име Тургут, кој им велел дека треба да размислуваат за запишување на Воената академија, поточно ги убедувал тоа да биде нивната одлука.

Потоа, со уште неколку пријатели кои имале наклоност кон војската, односно Академијата, започнале да разговараат и да се состануваат со високорангираниот припадник на ФЕТО.

„Тургут аби еден ден дојде во станот, нѐ повика во една соба и тогаш ни рече ’Доколку одите на воена академија, потребно е да имате кодно име‘. На секого од нас тројца ни даде по едно кодно име, моето беше Абдула“, раскажа воениот покајник A. Н. Ј.

Тој додаде дека потоа започнале подготовките за приемниот испит на универзитет, а биле направени токму во истите „куќи на светлината“ на ФЕТО. Тој отишол на приемниот испит на Воената академија, а кратко потоа добил и повик за разговор.

А. Н. Ј. открива дека Тургут, непосредно пред разговорот за прием на Академијата, го запознал со лице кое претходно не го видел ниту го познавал.

„Со истото лице поминавме низ мини-пробни разговори на кои ни објаснуваа како да се однесуваме кога ќе одиме на вистински разговор за Воената академија. Ни даде различни упатства како: ’Доколку го знаеш одговорот на прашањето, одговарај течно и јасно. Не пелтечи. Доколку не го знаеш прашањето, јасно кажи дека не го знаеш‘“, раскажа А. Н. Ј..

Тој откри исто така дека подоцна се запознал со лице под кодното име Јусуф, кој за него требало да се грижи на Воената академија. Тој бил запознаен со правилата на кои треба да се придржува таму и му било кажано дека сите членови на хизметот (ФЕТО) биле должни да ги исполнат своите обврски во согласност со тие правила, во спротивно би можеле да бидат исфрлени од Академијата.

ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), за кого Турција официјално побара испорачување од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın