Турција

Октај: „Отровот на ФЕТО е закана за секоја земја во која дејствува“

„Во најмалку 19 земји, „Маариф“ ја презеде контролата на над 213 училишта кои дејствуваа во рамките на терористичката организација ФЕТО. Со уште најмалку 40 земји е потпишан протокол за преземање на контролата врз таквите училишта", порача Октај

Andaç Hongur,Ahmet Sertan Usul   | 17.02.2020
Октај: „Отровот на ФЕТО е закана за секоја земја во која дејствува“ (Foto: Muhammet Fatih Oğraş/Anadolu Agency)

ИСТАНБУЛ (AA) - Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, во Истанбул порача дека отровот на терористичката организација ФЕТО не е закана само за Турција, туку дека таа организација е многу опасна за секоја земја во која дејствува, јавува Агенција Анадолија (АА).

Октај се обрати на состанокот со претставниците на осум земји, кој го организираше турската Фондација „Маариф“. Во таа пригода истакна дека подрачјето на кое се наоѓа Турција стотици години било лулка на бројни култури, вери и цивилизации, и дека со своите образовни институции било станица за бројни патници во стекнување на знаењето.

Турскиот потпретседател потенцира дека Турција денес, без оглед дали близу или далеку, низ своите институции и организации работи на воспоставувањето на мирот и благосостојбата.

Со своите организации како што се Културниот центар „Јунус Емре“, канцелариите на Агенцијата за соработка и координација (ТИКА) и Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби на Турција (АФАД) доаѓа до подрачја погодени од катастрофи, доставува хуманитарна помош, спроведува културни активности и реализира развојни проекти“, рече Октај.

Тој се осврна на активностите на Фондацијата „Маариф“, истакнувајќи дека иако е основана пред 3,5 години, Фондацијата воспоставила официјални контакти со 104 земји и денес своите активности ги спроведува во најмалку 66 земји.

„Во најмалку 19 земји, „Маариф“ ја презеде контролата на над 213 училишта кои дејствуваа во рамките на терористичката организација ФЕТО. Со уште најмалку 40 земји е потпишан протокол за преземање на контролата врз таквите училишта. Ваквиот успех во релативно краток период навистина е од историско значење“, порача Октај.

Турскиот потпретседател нагласи дека ќе биде продолжена дипломатската борба за преземање на останатите училишта кои ФЕТО ги формира, како што рече, злоупотребувајќи ја државата Турција и турскиот јазик.

ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), за кого Турција официјално побара испорачување од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар на 15 јули 2016 година, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın