Турција

На убавините на Кападокија од воздух во 2020 година им се восхитуваа 120.917 туристи

Минатата година 157 дена не се реализирани летови со балони поради мерките преземени против епидемијата од коронавирусот, а 80 дена поради неповолните временски услови, како што се силниот ветер и дождот

Behçet Alkan   | 12.01.2021
На убавините на Кападокија од воздух во 2020 година им се восхитуваа 120.917 туристи

НЕВШЕХИР (АА) - БЕХЧЕТ АЛКАН –

За време на пандемијата на Ковид-19 во 2020 година, 120 илјади и 917 лица учествуваа во турите со балон во Кападокија, која со своето историско и културно богатство и природна убавина привлекува туристи од целиот свет, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во рамките на мерките преземени против Ковид-19 и со одлука на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство при Министерството за транспорт и инфраструктура, турите со балон, што беа привремено прекинати на 17 март, продолжија на 23 август.

Во деновите кога временските услови беа погодни за летање, илјадници туристи од небото ја гледаа Кападокија, која е позната по самовилските оџаци и интересните карпести формации.

Според информациите на АА, базирани на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство, во Кападокија во просек годишно со балони се лета 300 дена.

Минатата година 157 дена не се реализирани летови со балони поради мерките преземени против епидемијата од коронавирусот, а 80 дена поради неповолните временски услови, како што се силниот ветер и дождот.

Во Кападокија, каде што балоните минатата година можеа да полетаат 128 дена, 120 илјади и 917 локални и странски туристи од птичја перспектива можеа да ги видат историските, културните и природните убавини.

- „На ден може да летаат 3 илјади патници, ваков капацитет нема никаде“ -

Тевфик Олмез, претседателот на Здружението на оператори на балони со топол воздух на Анадолија (ASBİD), во изјавата за АА рече дека веруваат дека со започнувањето на вакцинацијата, 2021 година ќе биде поактивна, за разлика од 2020 година, кога турите со балони на топол воздух не се одржуваа многу денови поради борбата против коронавирусот.

Истакнувајќи дека Кападокија е центарот каде што се вршат најмногу комерцијални летови со балони со топол воздух во светот, Олмез рече:

„Минатата година турите со балони со топол воздух добија интензитет од август. Сметаме дека доколку се спроведе вакцинација во април и се зголеми бројот на авиони, ќе ги достигнеме старите нивоа. Кападокија е центар на балоните со топол воздух. Има тури со балони во Франција, Кенија и други места, но капацитет од 150 балони и 3.000 патници дневно нема на ниту едно друго место.“


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.