Турција

Мозаиците во Турција заслепуваат со својата убавина

Ајше Ерсој, директорката на Музејот за археологија „Хатај“, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека кога станува збор за богатството на мозаични артефакти во светот, Хатај е првиот град што ви паѓа на ум.

Lale Köklü Karagöz,Fırat Özdemir   | 08.04.2021
Мозаиците во Турција заслепуваат со својата убавина ( Foto: Fırat Özdemir - Anadolu Agency )

HATAJ / ГАЗИАНТЕП

- Лале ЌОЈЛУ / Фират ОЗДЕМИР

Најголемите музеи за мозаици во Турција кои се наоѓаат во Газиантеп и Хатај, фрлаат светлина на историјата со изложените мозаици кои заслепуваат со својата убавина.

Во турската област Хатај, која е дом на многу цивилизации со илјадници години, безбројните мозаици што се откриени при ископувањата се изложени во Музејот за археологија „Хатај“ и Музејот за археологија „Неџми Асфуроглу“.

Мозаиците што најчесто потекнуваат од периодот на 2 и 6 век од нашата ера, ги отсликуваат трагите од времето на кое му припаѓале.

Музејот за археологија „Хатај“, кој во градот е отворен во 1948 година, се пресели на нова локација во 2014 година, бидејќи не можеше да ги исполни потребите. Овој музеј во својот состав содржи многу голема колекција мозаици.

Музејот за археологија „Неџми Асфуроглу“, отворен за јавноста минатата година, на површина која се смета дека во 6 век од нашата ера била користена како „јавна површина“, се издвојува со едноделен мозаик со основа од 1.200 квадратни метри.

И двата музеја кои се од големо значење за историскиот град Хатај, со колекцијата мозаици предизвикуваат голем интерес, како во земјата, така и во странство.

Ајше Ерсој, директорката на Музејот за археологија „Хатај“, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека кога станува збор за богатството на мозаични артефакти во светот, Хатај е првиот град што ви паѓа на ум.

Директорката Ерсој, изјавувајќи дека Музејот за археологија „Хатај“ е поставен на површина од околу 10.000 квадратни метри и е исполнет со артефакти кои му припаѓаат на античкиот град Антакија и неговата околина, рече дека мозаиците претставуваат една од неговите најважни колекции и продолжи со зборовите: „Мозаиците во Антакија содржат историја која пред вашите очи го открива развојот на мозаикот од 2 век до 6 век.

Денес, кога се изработува научна публикација во светот, научниците се чувствуваат должни да ги споменуваат мозаиците во Хатај затоа што ова место на светско ниво има многу важна мозаична секција.“

Објаснувајќи дека посетителите на Археолошкиот музеј „Неџми Асфуроглу“ се чувствуваат како да се во римскиот период, Ерсој рече: „Тукашниот поден мозаик во геометриска форма е единствен во светот во својата област. Тоа е дело кое му припаѓа на 6 век од нашата ера. Во тоа време се случиле два големи земјотреси во Антакија и неговата околина. Не гледате никакво уништување на мозаикот при земјотрес, туку гледате целосно бранување, што предизвикува голем интерес кај нашите посетители.“

Директорката Ерсој рече дека покрај тоа, Археолошкиот музеј „Неџи Асфуроглу“ поседува музеј со хотелски концепт, што е прв од тој тип во Турција.

Информирајќи дека Археолошкиот музеј „Неџми Асфуроглу“ досега бил домаќин на 25.000 посетители, директорката Ерсој рече дека Археолошкиот музеј во Хатај годишно во просек пречекува 250.000 посетители.

Ерсој додаде дека истражувањата на мозаиците продолжуваат на четири различни локации во градот.

- „Музејот на мозаици Зеугма“ е во фокусот на интерес на ентузијастите за историја и култура

Музејот на мозаици „Зеугма“ во Газиантеп, кој е домаќин на илјадници локални и странски туристи, со своите антички градови и историски градби, на своите посетители им нуди незаборавна историска атмосфера благодарение на изложените дела.

Музејот, изграден во областа Шехиткамил со вкупна површина од 30.000 квадратни метри, од кои 25.000 квадратни метри затворена површина, е домаќин на многу уникатни артефакти откриени за време на ископувањата во античкиот град Зеугма лоциран во областа Низип, на бреговите на реката Еуфрат.

Во музејот на површина од 2.500 квадратни метри изложени се голем број скулптури, колони, архитектонски конструкции и фонтани, особено мозаици од римскиот и византискиот период. Меѓу изложените мозаици се истакнува мозаикот „Циганка“, која се нарекува и „Мона Лиза“ на музејот „Зеугма“. Станува збор за мозаик кој по 52 години САД ѝ го вратија на Турција. Статуата на Марс, богот на војната во римскиот период, е меѓу делата кои го привлекуваат интересот на посетителите на музејот.

Музејот, кој може да се пофали со Големата претседателска награда за култура и уметност и кој со објектот и изложената колекција мозаици се смета за еден од најголемите музеи во светот, кај посетителите предизвикува восхитување.

Озгур Чомак, директорот на музејот „Газиантеп“, во разговорот со новинарот на АА потсети дека музејот е отворен во 2011 година со присуство на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Директорот Чомак, зборувајќи дека во музејот има фоаје и простории за конференции, истакна: „Ова е првиот музеј во нашата земја изграден во рамките на современата музеологија. Нашиот музеј е најважниот музеј за мозаици во светот.“

Чомак истакна дека римските дела се изложени во блокот А, а византиските артефакти се изложени во блокот Б, и додаде дека многу луѓе од голем број земји доаѓаат да го посетат музејот.

Објаснувајќи дека мозаиците во музејот се разликуваат од другите, Чомак рече: „Артефактите во музејот беа донесени еден по еден. Ова е еден вид жив музеј. Нашиот музеј има изложбен концепт кој многу добро го опишува овој жив музеј. Скалилото во сите музеи низ светот и во Анадолија содржи од 9 до 10 бои, додека мозаиците во Музејот на мозаици „Зеугма“ се состојат со скалило од 13 различни бои. Во периодот во кој се изработени мозаиците биле користени природни обоени камења извлечени од реката Еуфрат. Во нашиот музеј имаме мозаици кои се карактеризираат со способноста да прикажат 3Д-димензии. На мозаиците обично се прикажани сцени од римската и грчката митологија, а има и мозаици на митолошки богови. На мозаиците се изработени и рибите и богатата флора што се наоѓа околу реката Еуфрат. Се разбира дека најзначаен од нив е мозаикот Циганка.“

Чомак изјави дека во 2019 година музејот бил домаќин на 350.000 посетители, а минатата година бројот се намалил на 90.000 поради епидемијата. Тој информира дека 15.000 туристи го посетиле музејот во првите три месеци од оваа година.

Мерт Очмер од Истанбул кој дошол во посета на музејот, рече: „Дојдов да го видам мозаикот „Циганка“. Многу ми се допадна. Во музејот се изложени многу важни дела, кои го привлекуваат вниманието на посетителите. На сите им препорачувам да го посетат музејот.“

Гизем Акташ, една од посетителите, изјавувајќи дека повеќепати го посетила музејот, изјави: „Ова место и онака е многу познато низ целиот свет. Со својата структура и атмосферата што ја создава, навистина нè носи во тој реален живот од старите времиња.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.