Турција

Ердоган ја отвори Претседателската библиотека во Анкара, една од најголемите библиотеки во светот

Во обраќањето на отворањето на библиотеката, турскиот претседател Ердоган потсети дека во моментов библиотеката располага со 4 милиони печатени дела, и дека целта е тој број да биде поголем од 5 милиони

Zafer Fatih Beyaz   | 20.02.2020
Ердоган ја отвори Претседателската библиотека во Анкара, една од најголемите библиотеки во светот

АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со присуство на претседателот на Узбекистан, Шевкет Мирзијојев, како и со присуство на други официјални претставници, денеска свечено ја отвори Претседателската библиотека во Анкара, која е спој на селџучки, османлиски и современ архитектонски стил, а за посетителите ќе биде отворена 24 часа во текот на седумте дена во неделата, јавува Агенција Анадолија (AA).

Во обраќањето на отворањето на библиотеката, Ердоган потсети дека во моментов библиотеката располага со 4 милиони печатени дела, и дека целта е тој број да биде поголем од 5 милиони.

Шефот на Одделот за библиотеки при Кабинетот на турскиот претседател, Ајхан Туглу, за АА претходно кажа дека изградбата на Народната библиотека започнала во 2016 година и дека има 125.000 метри квадратни покриен простор, во кој во ист момент библиотекарските услуги можат да ги користат 5.000 посетители. Во витрините на библиотеката се сместени 4 милиони печатени книги, додека во електронска форма библиотеката располага со повеќе од 120 милиони објави и 550 е-книги. Во инвентарот на библиотеката се наоѓаат бројни ретки и драгоцени примероци.

На изградбата на библиотеката во срцето на Анкара ѝ претходеше иницијативата што ја започна турскиот претседател Ердоган, а која ги собра угледните имиња од турската културна сцена, библиотекари, невладини организации и претставници на различни слоеви на општеството кои учествуваа во кристализација на идејата за подигнување на ова големо здание.

Паралелно со изградбата, уште во јуни 2017 година е основана база на библиотеката која почна да собира примероци од сите книги, списанија, весници и трудови од сите области. Дирекцијата за библиотека и публикации е основана во мај 2016 година, а во собирањето на библиотечниот материјал учествуваа повеќе од 300 лица од Претседателската палата, Истанбул и Афјонкарахисар.

Полиците на библотеката се долги повеќе од 201 километар, а на нив своето место го најдоа печатени примероци на книги од стотина држави и на 134 јазици, како и 120 милиони трудови, колумни и извештаи.

Библиотеката како лиценцирана членка ќе ги користи и електронските бази на податоци што со посредство на Турската академска мрежа и информацискиот центар (TUBITAK-ULAKBIM) ги користат и универзитетските библиотеки и научно-истражувачки центри во Турција.

Народната библиотека во Претседателската палата е најголема библиотека во Турција, а со оглед на богатата колекција и услугите што ги нуди ќе се вброи во редот на најпрестижните установи од тој вид во светот.

Книги за Народната библиотека донираа турски функционери, историчари, научници, писатели и други граѓани.

Меѓу донаторите се и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, новинарот писател Мехмед Шевкет-Ејги, историчарот и книжевен критичар Абдулбаки Ѓолпинарли, историчарот Илбер Ортајли, музичарот и композитор Џинуџен Танрикорур, аналитичарот на историја на уметноста, Мустафа Ќамил Дуруст, поетот и писател Мустафа Шериф Онаран, режисерот Мухсин Мете, новинарот Ахмет Ѓунел Елгин, поранешниот парламентарец Метин Мулунк, синот на турскиот претседател, Ахмет Бурак Ердоган, сопствениците на издавачка куќа, Саман и Хатиџе Хелваџиоглу, истражувачот и писател Шефик Џан, поранешниот турски министер Хасан Џелал Ѓузел, писателот Џемил Мерич, шефот на Кабинетот на турскиот претседател, Хасан Доган, книжевникот Абдурахман Ѓузел и бројни други.

Комплексот на Народната библиотека во Претседателската палата е сочинет од сплет на сали, салони и простории кои се наменски опремени. Меѓу нив е и Детската библиотека „Насрадин-оџа“, која е наменета за најмладите посетители, потоа Библиотека и видео и аудиосала за млади, библиотека со раритетни дела, библиотека за истражување, салата „Џиханнума“, Музејот и галерија за селџучкиот период, Анадолу-салата, како и просториите за семинари, стручни обуки, групна работа, просториите за вработени и месџидот.

Во срцето на Народната библиотека во Претседателската палата на Турција се наоѓа сала со 16 столба кои ги симболизираат исто толкуте турски држави низ историјата. Станува збор за простор од 3.500 метри квадратни со 224 места за седење и изложена колекција од близу 200.000 книги. На куполата на салата се испишани делови од куранската сура „Ал-Алек“: „Тој, кој подучува на перо. Кој човекот го подучува на она што тој не го знае.“

Во делот на салата насловен „Библиотека на светот“ ќе бидат изложени дела за културата и историјата на сите земји во кои се активни турските дипломатски претставништва.

Повеќето од тој библиотечен материјал го собраа турските дипломатски претставништва, а бројни земји ги испратија своите книги директно по амбасадорите. Францускиот претседател Емануел Макрон ја испрати пратката по личниот советник, кој на турските функционери им ја пренесе подготвеноста за соработка со Националната библиотека на Франција.

Паралелно со донациите, значителен дел од материјалите за Народната библиотека во Претседателската палата во Анкара е и купен, а се работи за книги, ДВД/ЦД и други видови библиотечен материјал.

Библиотеката има цел да биде и центар за целоживотно образование и воспитување, а во тој контекст ќе спроведува активности за едукативни и културни содржини за деца, млади и возрасни. Во библиотеката се наоѓаат и простории и ателјеа за технологија и дигитални трансформации кои се опремени во соработка со ресорните турски министерства, институции и компании.

Секој државјанин на Турција може лесно преку е-Држава да стане член на Народната библиотека, да ја посетува и да ги користи нејзините услуги со покажување лична карта на влез.

Странските државјани со покажување пасош ќе можат да ги преземат влезниците за посета и за користење на услугите на оваа библиотека.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.