Турција

Ердоган: „Турција ќе продолжи да стои покрај пријателскиот и братски Азербејџан“

„Штом Ерменија ќе ги напушти азербејџанските територии кои ги окупира, регионот повторно ќе биде во мир и спокојство“

Andaç Hongur   | 28.09.2020
Ердоган: „Турција ќе продолжи да стои покрај пријателскиот и братски Азербејџан“

ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција со сите свои можности и со цело срце ќе продолжи да стои покрај пријателскиот и братски Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган имаше свое обраќање на Симпозиумот за меѓународно поморско право и Источен Медитеран од аспект на историјата, политиката и меѓудржавните односи, организиран од страна на Универзитетот во Истанбул и Универзитетот во Мармара, со поддршка на Големото народно собрание на Турција (ТБММ).

„Уште еднаш ја осудувам Ерменија која вчера нападна територии на Азербејџан. Турција со сите свои можности и со цело срце ќе продолжи да стои покрај пријателскиот и братски Азербејџан“, рече Ердоган.

Според него, веќе треба да се стави крај на кризата во регионот што започна со окупацијата на Нагорно Карабах.

„Штом Ерменија ќе ги напушти азербејџанските територии кои ги окупира, регионот повторно ќе биде во мир и спокојство“, нагласи Ердоган, додавајќи дека покрај ова, сите наметнувања и закани не само што ќе бидат неправедни и незаконски, туку ќе продолжат да ја разгалуваат Ерменија.

Турскиот претседател рече дека последните случувања им дале можност на сите земји кои имаат влијание во регионот, да ги активираат методите за реално и праведно решение, изразувајќи надеж дека најдобро ќе се искористи оваа можност.

Ердоган нагласи дека САД, Русија и Франција веќе 30 години не успеале да го решат ова прашање, и дека речиси направиле сè за да не го решат.

„А сега солат памет, и одвреме-навреме упатуваат закани. Која е таа закана? 'Дали Турција е тука? Дали тука има турски војници?' Тие што го кажуваа ова се истите кои со илјадници шлепери носат оружје на нашата јужна страна, особено во северниот дел на Сирија. Тие што го кажуваа ова се истите кои го распарчуваат северниот дел на Сирија и ги формираат своите бази“, рече Ердоган.

„Tие сега велат: 'Дали тука има турски војници? Дали Турција пренесува оружје тука?'. Видете го менталитетот. Како да нашиот брат Илхам Алијев ним ќе им дава отчет. Веќе околу 30 години одговара пред нив, и рекоа 'Да го решиме ова прашање. Да не се одолговлекува'. Чии се овие територии што се изложени на окупација? Тие се територии на Азербејџан. Тоа сите вие го признавате. Го признавате Нагорно Карабах. Над 1 милион луѓе тука се наоѓаат далеку од нивните територии и моментално живеат во Азербејџан. Додека окупаторите се таму. Никој не бара одговорност за тоа. Азербејџан, кој рече дека веќе е време да се даде одговор, сака-нејќе е принуден да ja пресече својата папочна врвца“, додаде турскиот претседател.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın