Турција

Гласање за нов спикер на турскиот Парламент

Турските пратеници денес започнаа со гласање за избор на нов претседател на Големото турско народно собрание, во рамките на новиот систем на уредување

Emin Avundukluoğlu   | 12.07.2018
Гласање за нов спикер на турскиот Парламент

Ankara

АНКАРА (АА) - Турските пратеници денес започнаа со гласање за избор на нов претседател на Големото турско народно собрание, во рамките на новиот систем на уредување, јавува Anadolu Agency (AA).

Во согласност со турскиот Устав, изборот на спикер на Собранието се спроведува со тајно гласање.

Последниот турски премиер, Бинали Јилдирим, е најсилниот кандидат за оваа позиција.

Јилдирим ја извршуваше функцијата премиер на Република Турција сè до почетокот на минатата недела, кога неговата позиција беше укината во рамките на уставните промени.

Партијата на националистичко движење (MHP) објави дека ќе го поддржи кандидатот на АК Партијата.

Процесот за гласање во турскиот Парламент започна во 14:28 попладне, по локално време.

Поранешниот претседател на турскиот Парламентот, Исмаил Кахраман, го набљудува изборниот процес.

Најголемата турска опозициска Републиканска народна партија (CHP) го номинираше Ердоган Топрак за функцијата претседател на собрание. Топрак, е пратеник од областа Истанбул и поранешен министер за млади и спорт.

Партијата ИЈИ (IYI) го номинираше Хајретин Нухоглу за свој кандидат на позицијата претседател на собранието.

Нухоглу, кој е роден во 1953 година, исто така е пратеник од Истанбул.

Опозициската Народна демократска партија (HDP) ја номинираше Мерал Даниш Бешташ за оваа позиција.

Бешташ е родена во 1967 година и е пратеничка од југоисточната област Сирт.

Во првите два круга од гласањето, потребни се најмалку 401 од 600 гласа на пратениците за победа.

Во третиот круг од гласањето потребни се минимум 301 глас. Доколку има потреба од четврт круг, ќе биде одбран кандидатот со најголем број гласови.

АК Партијата има 290 места во Парламентот, додека Републиканската народна партија (CHP) има 144 пратенички места. Опозициската Народна демократска партија (HDP) има 67 места, Партијата на националистичко движење (MHP) - 49, Партијата ИЈИ (IYI) - 42, Партијата Саадет - 1, Демократската партија (DP) - 1 и Партијата Големо единство (BBP) - 1.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.