Турција

Во многу турски градови извршена погребна молитва во отсуство за Морси

Во централните џамии во градовите во Турција, беше извршена погребна молитва (џеназе намаз) во отсуство, за Мухамед Морси, првиот демократски избран претседател на Египет, кој почина вчера

Sefa Şahin   | 18.06.2019
Во многу турски градови извршена погребна молитва во отсуство за Морси

АНКАРА (АА) - Во централните џамии во градовите во Турција, беше извршена погребна молитва (џеназе намаз) во отсуство, за Мухамед Морси, првиот демократски избран претседател на Египет, кој почина вчера, јавува Anadolu Agency (AA).

Погребната молитва во отсуство беше извршена во џамијата „Аџи Бајрам“ во Анкара, а на молитвата присуствуваа претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), Мустафа Шентоп, министерот за правда, Абдулхамит Ѓул, портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, членот на Високиот советодавен одбор при Кабинетот на турскиот претседател, Булент Аринџ, гувернерот на Анкара, Васиф Шахин, пратениците на Парламентот и многу други.

Погребната молитва ја предводеше претседателот на Управата за верски работи, Али Ербас.

Шентоп потсети дека Морси бил првиот претседател избран од народот.

Тој изрази сочувство до народот на Египет и Турција, но и до целиот исламски свет.

„Исламскиот свет се соочува со голема тиранија. Но како и сѐ останато, така и овие угнетувања и тиранија имаат граница“, изјави Шентоп.

Калин потсети дека илјадници луѓе кои на различни подрачја се спротивставиле на пучистите, настрадале, десетици илјади биле уапсени, а многумина биле принудени да бегаат од земјата

Калин беше запрашан и за наводите за смртта на Морси, на што одговори дека не е лесно да се стапи во контакт со семејството на Морси, но дека многу организации за човекови права, „Муслиманско братство“ и други, упатиле соопштенија.

„Секако, сѐ се случи неодамна и треба да се почекаат резултатите од аутопсијата. Како починал и која е причината за смртта? И одредени организации за заштита на човековите права повикуваа на одговор. И ние внимателно го следиме развојот на настаните“, изјави Калин.

Во попладневите часови се клањаше и погребна молитва (џеназе намаз) во отсуство во џамијата „Фатих“ во Истанбул, на која присуствуваше и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.