Турција

Анталија изминатата година угости туристи од 175 земји

„Нема друга дестинација во светот каде што ќе дојдат 3,5 милиони туристи за време на епидемија. И покрај тешкиот процес, Анталија успеа во тоа. Угости 3,5 милиони туристи.“

Ayşe Yıldız   | 15.01.2021
Анталија изминатата година угости туристи од 175 земји

АНТАЛИЈА (АА) - АЈШЕ ЈИЛДИЗ -

Анталија, една од најважните туристички дестинации во светот, изминатата година беше домаќин на повеќе од 3,5 милиони туристи од 175 земји, и покрај епидемијата на Ковид-19, пишува Агенција Анадолија (АА).

Под раководство на Министерството за култура и туризам, во рамките на мерките преземени против коронавирусот (Ковид-19), туристичката сезона е отворена од почетокот на јуни минатата година.

Во рамките на преземените мерки, сите објекти со повеќе од 30 соби, кои сакаа да им служат на домашни и странски туристи, имаа обврска за добивање на Сертификат за безбеден туризам.

Во овој контекст беа преземени мерки во сите области во авионите, аеродромски трансфери, рестораните, собите и плажите. Со овие мерки, Анталија, која е опишана како „главен град на туризмот“, стана адреса на безбеден одмор.

- Најмногу туристи од Русија -

Реципрочните летови со Украина започнаа на 1 јули 2020 година, а со Русија на 10 август, и со тоа се раздвижи странскиот туризам. На првиот ден во Анталија стигнаа 519 туристи од Русија, потоа започнаа да стигаат летови од различни земји како што се Германија, Полска и Велика Британија.

Благодарение на преземените мерки за време на епидемијата, во Анталија, која стана адреса на здрав и безбеден туризам, пристигнаа 3.512.910 гости од 175 различни земји, меѓу кои и балканските земји, САД, Европа и Азија.

Најмногу туристи пристигнаа од Русија - 1.509.648, потоа следуваат Украина со 557.765, Германија со 346.319, Велика Британија со 211.881, Полска со 90.751, Швајцарија со 50.366, Молдавија со 45.693, Романија со 44.526, Казахстан со 39.834 и Холандија со 27.987 туристи.

- „Нема друга земја во светот што може да го постигне ова“ -

Претседателот на работната група за туризам во Градскиот совет во Анталија, Реџеп Јавуз, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) истакна дека за време на епидемијата туристичките капацитети во градот останале отворени и непрекинато нуделе безбедни туристички услуги.

„Нема друга дестинација во светот каде што ќе дојдат 3,5 милиони туристи за време на епидемија. И покрај тешкиот процес, Анталија успеа во тоа. Угости 3,5 милиони туристи. Тоа беше и година за тест за нас и станавме успешни. Нема друга земја во светот што може да го постигне ова. И оваа сезона Анталија ќе биде најистакната дестинација“, нагласи Реџеп Јавуз.

Членот на Управниот одбор на Агенцијата за туризам и развој на Турција, Џем Кинај, рече дека успехот на Турција во областа на туризмот се покажа и за време на епидемијата.

Посочувајќи дека Анталија е неопходна адреса во туризмот, Кинај додаде: „Нашата дестинација нуди можности за гости од секоја земја. Голем успех е тоа што сите си заминуваат задоволни, и покрај тоа што доаѓаат од различни региони.“




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.