Турција

Алтун: Турскиот народ ја изгуби вербата во европските ветувања

„Ние повеќе не бараме зборови, туку дела“, истакна директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Алтун

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı   | 23.06.2022
Алтун: Турскиот народ ја изгуби вербата во европските ветувања

АНКАРА (АА) - Туркије „повеќе не бара зборови, туку дела“ од Европската Унија (ЕУ), порача директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Турскиот народ ја изгуби вербата во изјавите на Европејците како резултат на многубројните неисполнети ветувања дадени на Туркије за членството во ЕУ, за Кипар и за борбата против тероризмот и нерегуларната миграција. Затоа, ние повеќе не бараме зборови, туку дела“, изјави за шведскиот весник „Свенска дагбладет“ (Svenska Dagbladet), Алтун.

Туркије „долго време е вознемирена од присуството на ПКК и ФЕТО во Шведска“, рече Алтун. „ПКК, која Европската Унија ја означува како терористичка организација, убива турски граѓани веќе 40 години. Цел на овие напади не беа само безбедносните сили. Тие убија десетици илјади луѓе, вклучително доктори, наставници, па дури и бебиња.“

„Исто така, ФЕТО, кое се обиде да изврши државен удар во Туркије во 2016 година, со текот на годините се инфилтрира во државните институции“, додаде тој.

Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.

Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Туркије, кога загинаа 251 лице, а околу 2.734 беа повредени.

ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за соборување на државата преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.

За кандидатурата на Шведска во НАТО, Алтун рече: „Ако дадеме зелено светло за членството на Шведска во НАТО, тоа значи дека ветуваме дека ќе го заштитиме шведскиот народ во случај на напад според член 5. Ако преземеме таква одговорност за Шведска, треба да бидеме цврсто убедени дека парите собрани во вашата земја нема да бидат искористени за напад на турските граѓани, и дека од засолништата на терористите во Сирија или Ирак нема да излезе шведско оружје.“

Тој, исто така, се осврна на загриженоста на Туркије, прашувајќи „Дали членството на Шведска во НАТО ќе ги загрози напорите за борба против тероризмот? Ние мора да се погрижиме Шведска да ги поддржува вредностите на Алијансата и безбедноста на нејзините потенцијални сојузници.“

Шведска, заедно со Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, одлука поттикната од војната на Русија во Украина која започна на 24 февруари.

Но Туркије, долгогодишна членка на НАТО, изрази приговори кон обидите на Финска и Шведска за влез во НАТО, критикувајќи ги земјите за толерирање, па дури и поддршка на терористичките организации, вклучително и ЈПГ/ПКК. Пристапувањето бара едногласно одобрување од сите 30 земји членки на НАТО.

Алтун, исто така, увери дека нема разлика во реториката на Туркије кон шведската Влада или кон јавноста и нагласи дека за Туркије, „најважната работа е безбедноста на нејзините граѓани“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.