Саудиска Арабија го отфрли американскиот извештај за убиството на новинарот Кашоги
- Американската разузнавачка заедница службено во петокот го обвини саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман за стравотното убиство на колумнистот на „Вашингтон пост“

РИЈАД
Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија го отфрли американскиот извештај за убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американската разузнавачка заедница официјално потврди дека саудискиот принц Мухамед бин Селман го одобрил убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Саудиските власти во реакцијата го отфрлија извештајот на Соединетите Американски Држави (САД).
Американската разузнавачка заедница службено во петокот го обвини саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман за стравотното убиство на колумнистот на „Вашингтон пост“.
Во извештајот што го составија Централната разузнавачка агенција (CIA), Националната разузнавачка управа (DNI) и други разузнавачки организации, заклучено е дека Селман го одобрил убиството на Кашоги во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, во октомври 2018 година.
Американската национална разузнавачка управа (DNI) го објави извештајот што бил подготвен во 2018 година, но администрацијата на Доналд Трамп не го објавила јавно.
Новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, е убиен во комплексот на Саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година. Кашоги тој ден влегол во Конзулатот на закажан термин поради вадење на потребните лични документи за да може да се венча.
По повеќедневното негирање, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а дополнително судот на Саудиска Арабија им изрече смртна казна на пет обвинети. Уште тројца обвинети добија затворска казна во вкупно траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвинувања.
Комесаријатот за човекови права при Обединетите нации (OHCHR) во извештајот на 101 страница тврди дека убиството на Кашоги е чин што Саудиска Арабија го извршила со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат валидни докази за потребата да се преиспита вмешаноста на врвни саудиски официјални лица во убиството, вклучувајќи го и принцот Бин Селман.
И ЦИА дојде до заклучок дека принцот Бин Селман го наредил убиството на Кашоги, но Трамп застана во заштита на Бин Селман за да не се соочи со последиците на тој чин и го блокираше доставувањето на разузнавачките извештаи до членовите на американскиот Конгрес.