спорт

Овогодишниот Ол-стар викенд ќе помине „горчливо“ поради смртта на Коби Брајант

На овогодишниот Ол-стар натпревар кој се одржува по 69. пат, ќе се игра во поинаков формат, со цел да му се оддаде почит на несреќно загинатиот Коби Брајант

Hüseyin Burak Demirer   | 13.02.2020
Овогодишниот Ол-стар викенд ќе помине „горчливо“ поради смртта на Коби Брајант

АНКАРА

Во американскиот град Чикаго ќе се одржи овогодишниот Ол-стар викенд на НБА во кошарка, кој ќе помине „горчливо“ поради прераната смрт на некогашната ѕвезда на НБА, Коби Брајант, пишува Агенција Анадолија (АА).

Во текот на целиот НБА Ол-стар викенд кој ќе се одржи од 15 до 17 февруари ќе се споменуваат деветтемина загинати во хеликоптерската несреќа, меѓу кои беа и кошаркарската легенда Коби Брајант и неговата ќерка Џијана.

Секој кошаркар кој ќе учествува на активностите на НБА Ол-стар викендот ќе носи дрес на кој ќе се наоѓаат 9 ѕвезди, кои ги претставуваат загинатите во хеликоптерската несреќа.

Покрај тоа, на Ол-стар натпреварот, тимот на Јанис Антетокунпо на терен ќе излезе со дресот со број 24 што Брајант го носеше во последните 10 години од својата кариера, додека тимот на Леброн Џејмс на теренот ќе го носи дресот со број 2 што Џијана го носеше во училиштето за кошарка.

На овогодишниот Ол-стар натпревар кој се одржува по 69. пат, ќе се игра во поинаков формат, со цел да му се оддаде почит на несреќно загинатиот Коби Брајант кој има најголем број МВП-титули на Ол-стар натпреварите (4 пати), играч кој има најголем број последователни учества на Ол-стар средбите (18 пати) и е најмладиот кошаркар во историјата на НБА кој играл на еден Ол-стар натпревар (19 години и 169 дена).

Првите три четвртини од по 12 минути ќе започнат од резултат 0:0. На крајот од третата чевтртина ќе се соберат освоените поени од трите четвртини одделно. Екипата која има поголем вкупен збир е победник на првиот дел. Вториот дел, т.е. четвртата четвртина ќе се игра во чест на Коби Брајант.

На вкупниот број поени на победничката екипа ќе ѝ се додаде бројот 24 во чест на бројот 24 што на својот дрес го носеше Брајант, и тоа ќе го претставува финалниот скор до кој треба да дојде победникот. На пример, ако еден од тимовите победи со скор 110:100, тогаш резултатот што треба да се постигне е 134. Тоа значи дена на победникот од првиот дел ќе му бидат потребни 24 поени, додека на поразениот од првиот дел за победа ќе му бидат потребни 34 поени.

Победникот во првиот дел добива награда од 100.000 долари, а победникот во вториот дел парична награда од 200.000 долари. Бидејќи овогодишниот Ол-стар натпревар има хуманитарен карактер, и двете награди ќе бидат донирани во добротворни цели на организации во Чикаго.

- Натпревар на ѕвезди во подем и натпревар на ѕвездите

Ол-стар натпреварот ќе се игра за првпат во „Јунајтед центар“, салата на Чикаго Булс. Ова е третпат Ол-стар натпревар да се одржува во Чикаго. Претходно Ол-стар натпреварот во Чикаго е одржан во 1973 и во 1988 година.

Љубителите на кошарката, во текот на викендот, покрај Ол-стар натпреварот ќе имаат можност да го следат дуелот меѓу ѕвездите во подем, натпреварите во умешност и натпреварот меѓу познатите ѕвезди.

Првата активност викендов, в сабота наутро, на 15 февруари, со почеток во 01:00 часот ќе се одржи натпреварот меѓу познатите ѕвезди. Покрај поранешните кошаркарски ѕвезди Квентин Ричардсон, Челзи Греј, Дариус Мајлс, кошаркарката Аџа Вилсон, на теренот ќе настапат музичките ѕвезди како што се раперот Комон, Ченс д’Рапер, Куаво и познати ѕвезди од светот на музиката и телевизијата во САД.

Истиот ден, со почеток во 3:00 часот ќе се игра натпреварот на ѕвездите во подем во НБА, кои ќе бидат поделени на екипи од по 10 играчи странци и играчи на САД.

Во екипата на странците ќе настапат Лука Дончиќ (Далас Маверикс), Деандре Ејтон (Феникс Санс), Р. Џи Берет (Њујорк Никс), Руи Хаџимура, Мориц Вагнер (Вашингтон Визардс), Никејл Александер-Вокер (Њу Орлеанс Пеликанс), Брендон Кларк (Мемфис Гризлис), Шеј Гилџес-Александер (Оклахома Сити Тандер), Свјатослав Михаилиук (Детроит Пистонс) и Џош Окоги (Минесота Тимберволвс).

За екипата на САД ќе настапат Зион Вилијамс (Њу Орлеанс Пеликанс), Тре Јанг (Атланта Хоукс), Џа Морант, Џарен Џексон (Мемфис Гризлис), Мајлс Бриџис, Девонт Грахам, Пи Џеј Вапингтон (Шарлот Хорнетс), Колин Секстон (Кливленд Кавалирс), Кендрик Нун (Мајами Хит), Ерик Паскал (Голден Стејт Вориорс).

- Натпревари во умешност, тројки и забивање

Во вториот ден од Ол-стар викендот ќе се одржат натпревари во умешност, тројки и забивање, а почетокот е закажан за 02:00 часот по полноќ од сабота кон недела.

Како дел од активностите во Ол-стар викендот спаѓа и натпреварот во умешност, на кој еден против друг ќе се натпреваруваат високи и ниски играчи, а во ова натпреварување ќе учествуваат Бам Адебајо (Мајами Хит), Петрик Беверли (Лос Анџелес Клиперс), Спенсер Динвиди (Бруклин Нетс), Крис Мидлтон (Милвоки Бакс), Дерек Роус (Детроит Пистонс), Домантас Сабонис (Индијана Пејсерс), Паскал Сајакем (Торонто Репторс) и минатогодишниот победник Џејсон Тејтум (Бостон Селтикс).

Во натпреварувањето во тројки во кое се направени измени, ќе учествуваат минатогодишниот победник Џо Херис (Бруклин Нетс), Давис Бертанс (Вашингтон Визардс), Девонт Грахам (Шарлот Хорнетс), Бади Хилд (Сакраменто Кингс), Зек Лавин (Чикаго Булс), Данкан Робинсон (Мајами Хит) и Тре Јанг (Атланта Хоукс).

Според новите правила на натпреварувањето во тројки, на досегашните 16 топки со по еден поен и 9 топки вредни 2 поена, се додаваат уште 2 топки со кои ќе се шутира од оддалеченост од 1,8 метар.

Погодокот со овие две топки во зелена боја ќе вреди 3 поени. На тој начин вкупниот број поени од 34 се зголемува на 40, а максималното време од 60 секунди се зголемува на 70.

Во натпреварувањето во забивање на кое во претходните Ол-стар викенди победници беа и Мајкл Џордан, Коби Брајант, Доминик Вилкинс, Винс Картер и Џејсон Ричардсон, ќе се натпреваруваат Двајт Хауард (Лос Анџелес Лејкерс), Арон Гордон (Орландо Меџик), Дерик Џонс (Мајами Хит) и Пет Конахтон (Милвоки Бакс).

- Ол-стар натпреварот се игра по 69. пат

Ол-стар викендот завршува со одигрувањето на Ол-стар натпреварот кој оваа година се одржува по 69. пат. Натпреварот е закажан за 17 февруари, понеделник, со почеток во 02:00 часот. Пред почетокот на натпреварот, своја презентација за значењето на Ол-стар викендот за Чикаго ќе има хип-хоп пејачот и актер Комон.

На полувремето од натпреварот концерт ќе одржи раперот Ченс д’Рапер.

Изборот на играчите на Ол-стар натпреварот го направија навивачите, играчите и претставнците на медиумите. За капитени на екипите на Ол-стар натпреварот се избрани Леброн Џејмс (Лос Анџелес Лејкерс) и Јанис Антетокунпо (Милвоки Бакс).

Леброн Џејмс, кој по 16. пат ќе настапи во првата петорка на една од екипите, самостојно ќе ја понесе титулата во оваа категорија во НБА, која досега ја делеше со Коби Брајант.

Тренер на екипата на Леброн ќе биде Франк Вогел, актуелниот тренер на Лејкерси, а покрај Леброн во првата петорка ќе настапат Ентони Дејвис (Лос Анџелес Лејкерс), Кавај Леонард (Лос Анџелес Клиперс), Лука Дончиќ (Далас Маверикс) и Џејмс Харден (Хјустон Рокетс).

Резервите на екипата на Леброн Џејмс се Бен Симонс (Филаделфија Севентисиксерс), Никола Јокиќ (Денвер Нагетс), Џејсон Тејтум (Бостон Слетикс), Крис Пол (Оклахома Сити Тандер), Расел Вестбрук (Хјустон Рокетс) и Доманатас Сабонис (Индијана Пејсерс).

Тренерот на Торонто Репторс, Ник Норс, ќе го води тимот на Јанис, а во првата петорка, покрај Јанис Антетокунпо ќе настапат Паскал Сајакем (Торонто Репторс), Џо Ембид (Филаделфија Севентисиксерс), Кемба Вокер (Бостон Селтикс) и Тре Јанг (Атланта Хоукс).

На клупата на тимот на Јанис ќе седат Крис Мидлтон (Милвоки Бакс), Џими Батлер, Бам Адебајо (Мајами Хит), Донован Мичел, Руди Гоберт (Јута Џез), Кајл Лаури (Торонто Репторс) и Брендон Инграм (Њу Орлеанс Пеликанс).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın