свет

„Турските беспилотни летала направија голема штета на ПКК"

Во веста се истакнува дека вооружените беспилотни летала на Турција во последниот период направиле голема штета на ПКК и дека се убиени неколку таканаречени команданти на ПКК кои биле блиски соработници на Карајилан.

Turgut Alp Boyraz   | 27.11.2020
„Турските беспилотни летала направија голема штета на ПКК"

ЕРУСАЛИМ

Водачот на терористичката организација ПКК, Мурат Карајилан, даде интервју за израелскиот крајно десничарски весник „Ерусалим пост“ (Jerusalem Post), пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во интервјуто објавено со потписите на новинарите Хадел Оис и Џонатан Спајер, Карајилан се осврна на неодамнешните антитерористички операции на Турција, односите со САД и на многу други прашања.

Во веста се истакнува дека вооружените беспилотни летала на Турција во последниот период направиле голема штета на ПКК и дека се убиени неколку таканаречени команданти на ПКК кои биле блиски соработници на Карајилан.

Во интервјуто Карајилан наведува дека АК Партијата (Партијата на правдата и развојот) „наместо принципите на Ататурк, го следи Здружението за единство и напредок“, тврдејќи дека тоа е со османлиски пристап и дека „извршило геноцид врз Ерменците, Грците, Асирците и сите христијани“.

Според Карајилан, коалицијата на АК Партијата со Партијата на национално движење (МХП) е „против Америка, Западот и секуларизмот“.

Тој исто така додава дека овие две партии со спроведување на новиот османлиски пристап „сакаат да ја исламизираат Турција" и дека таа ситуација е вистинска закана за Курдите, Грците и Асирците.

На прашањето „Дали сте поблиску до партиите како што е Републиканската народна партија (ЏХП), која е посветена на визијата на Ататурк, иако не се согласувате со идеалите на Ататурк?“, Карајилан нагласи:

„Републиканската народна партија, кога станува збор за курдското прашање, мисли исто како АК Партијата, но бидејќи е против Коалицијата АК Партија-МХП [Народна алијанса], ние во однос на другите прашања мислиме исто како ЏХП. Така што, кога станува збор за курдското прашање, ЏХП нема никаква разлика од нea [АК Партијата-МХП].“

- „Ние ги поддржуваме Курдите да воспостават односи со САД“

Одговарајќи на прашањето „Советскиот Сојуз повеќе не постои. Сириските Курди, кои ја делат истата идеологија како вас, се единствените сојузници на Америка во оваа земја. Дали сѐ уште Америка ја гледате како империјалистичка држава која се бори против вашите желби?“, Карајилан рече дека не се против воспоставување на односи со САД, и дека дури „целосно ги поддржуваат односите меѓу САД и сите Курди“.

Карајилан, потсетувајќи на изјавата на водачот на терористите, Абдулах Оџалан, дека „Советскиот Сојуз се распадна затоа што немаше демократија, а Соединетите Американски Држави опстојуваат на нозе затоа што имаат демократија“, рече: „Ние ги охрабруваме Курдите од Рожова (Сирија) и Ројхилат (Иран) да воспостават односи со САД“, мислејќи на ЈПГ/ПКК и на PJAK.

Карајилан, истакнувајќи дека САД се дезинформирани за нив, го повика Вашингтон да ја отстрани ПКК од терористичката листа.

Наведувајќи дека ја бранат „демократијата, слободата и човековите права“, Карајилан рече дека и покрај тоа САД и западните земји ги поддржуваат воените операции на Турција против терористичката организација ПКК.

„Се надеваме дека САД ќе ги преиспитаат нивните политики и ќе бидат попозитивни кон курдскиот народ. Ги повикуваме САД да нѐ отстранат од терористичката листа. ПКК одигра значајна улога за спречување на ширењето на ДЕАШ во регионот. Се надеваме дека САД ќе го сменат мислењето за нашето движење. Ваквиот дипломатски пристап би имал корист и за САД и за нивните сојузници во регионот“, рече Карајилан.

Одговарајќи на прашањето дали има можност САД да играат улога на медијатор меѓу терористичката организација ПКК и Турција, Карајилан рече дека САД и Европа, исто како што направија во Ирска (за договор меѓу Ослободителната армија на Ирска и Велика Британија), може да бидат медијатори за договор за мир (меѓу Турција и ПКК).

„Ако САД ја покажат својата тежина, тоа може да се стори“, додаде Карајилан.

На коментарот на новинарот, „Ако САД бидат медијатор, може ќе побараат од ПКК да го остави оружјето“, Карајилан нагласи: „Нема да го оставиме оружјето сѐ додека Курдите во Турција не бидат признаени и не бидат ослободени сите политички затвореници, вклучително и Оџалан.“

- „Израел има право да постои“

На прашањето „Како гледате на Израел како курдска партија?“, Карајилан рече дека Израел има право да постои, и дека Евреите имаат право да имаат своја независна држава како Палестинците.

Карајилан наведе дека ги поддржуваат резолуциите на ОН за решение со две држави на проблемот меѓу Израел и Палестина.

Во однос на Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, кои потпишаа договори за нормализација со Израел, Карајилан нагласи: „Позитивна работа е што има мировен договор меѓу Израел и арапските земји.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.