свет

Судир меѓу домородни демонстранти и безбедносни сили на ОН на самитот КОП30 во Бразил

– Десетици домородни демонстранти со палки го пробија безбедносниот периметар и накратко влегоа во местото на одржување на 30. конференција на Обединетите нации за климатски промени во бразилскиот град Белем

Laura Gamba Fadul  | 12.11.2025 - Обновена : 12.11.2025
 Судир меѓу домородни демонстранти и безбедносни сили на ОН на самитот КОП30 во Бразил

БЕЛЕМ (АА) – Десетици домородни демонстранти со палки го пробија безбедносниот периметар и накратко влегоа во местото на одржување на 30. конференција на Обединетите нации за климатски промени (КОП30) во бразилскиот град Белем, што доведе до судир со безбедносниот персонал на ОН, јавува Анадолу.

Инцидентот се случил доцна синоќа во моментот кога меѓународните делегати се обидувале да го напуштат комплексот „Парке да Сидаде“.

Барањата на демонстрантите се однесувале на правата на земја, економска правда и спротивставување на експанзијата на фосилните горива. Тие носеле знамиња и постери со пароли како „Нашата земја не е на продажба“ и „Не можеме да јадеме пари... сакаме нашите земји да бидат слободни од агробизнис, нафтени истражувања, нелегални рудари и сечачи“.

Демонстрантите, исто така, повикувале на „оданочување на милијардерите“ за нивната улога во создавањето на „топлината“ што ја влошува климатската криза.

Бразилскиот претседател и домаќин на конференцијата, Луис Инасио Лула да Силва, бил цел со слоганите против истражувањето на нафта во устието на реката Амазон.

„Влада на Лула, срам да ти е, ја уништуваш климата со ова дупчење“, извикувале демонстрантите.

Безбедносниот тим на ОН на крајот ги отстранил демонстрантите од областа, но пред тоа дошло до физички судир во близина на влезот, кој чуварите брзо го заградиле со маси.

Според локалните медиуми, најмалку двајца безбедносни службеници биле повредени при судирот. Еден чувар добил исеченица на челото откако бил погоден со тапан или палка, а друг бил удрен по главата. Безбедносниот персонал запленил неколку палки што ги носеле демонстрантите.

Амазонскиот Регион, каде што се наоѓа Белем, е еден од најпогодените од климатските промени. Во 2024 година регионот беше зафатен од историска суша, дополнително влошена од многубројни пожари.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.