свет

„На Европа ѝ е потребна обновена миграциска политика“

„Европските политики се под влијание на миграциите [...] Нејзините (Европа) политики за миграциите треба да се обноват“, изјави Сојлу во Истанбул на 6. Министерска конференција на Будимпештанскиот процес, меѓурегионалниот форум за миграции.

Nilay Kar   | 20.02.2019
„На Европа ѝ е потребна обновена миграциска политика“

Ankara

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, упати критики за постојните миграциски политики на Европа, истакнувајќи дека тие треба да се обноват, јавува Anadolu Agency (AA).

„Европските политики се под влијание на миграциите [...] Нејзините (Европа) политики за миграциите треба да се обноват“, изјави Сојлу во Истанбул на 6. Министерска конференција на Будимпештанскиот процес, меѓурегионалниот форум за миграции. Тој истакна дека зголемувањето на расизмот и дискриминацијата ги засени добронамерните напори на европските влади.

„Европа треба да преземе мерки за борба против расизмот и дискриминацијата и треба да го прифати мотото „интегритет во различностите“ во справувањето со прашањето за миграциите“, додаде министерот Сојлу.

Будимпештанскиот процес, формиран во 1993 година, е форум на над 50 влади и бројни меѓународни организации, чија цел е развивање детални и одржливи системи за уредна миграција. Во својот говор Сојлу истакна дека ниту една ера во историјата не била ослободена од феноменот на масовни миграции. „Ние треба да се справуваме со (миграциите) нив заедно, наместо да ги превенираме“, истакна тој.

- Миграциите „безбедносно прашање“ за Турција -

„Тековните напори низ целиот свет во однос на ова прашање се несоодветни“, рече Сојлу.

„Нашата цел е да стигнеме до горната граница на она што можеме да го направиме, и до свет во кој можеме да најдеме само школки од остриги и морски ѕвезди на нашите плажи“, рече тој, мислејќи на Ајлан Курди, сириското детенце кое го исфрли морето на турскиот брег во 2015 година, што поттикна големи реакции на меѓународната јавност. „Миграцијата е „големо безбедносно прашање“ за Турција, којашто се бори против терористичките организации како ПКК, ФЕТО и ДЕАШ во рамките на нејзините граници“, посочи Сојлу.

Цитирајќи ги најновите податоци, министерот Сојлу истакна дека Турција е домаќин на над 3,6 милиони Сиријци кои добиле статус на привремена заштита - повеќе од која било друга земја во светот.

Турција потроши над 37 милијарди долари сопствени ресурси за пружање помош и засолниште на бегалците од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година. Сојлу нагласи дека денешната средба има за цел да ја унапреди Истанбулската декларација од 2013 година, која ја нарече досега „најдолгосежна“ декларација усвоена од таква група на учесници.

Истанбулската декларација за „Миграциското партнерство на Патот на свилата“ беше усвоена во 2013 година во Истанбул, на последната министерска конференција од Будимпештанскиот процес. Декларацијата го промовира „понатамошниот дијалог и меѓусебната соработка во управувањето со миграциските текови по должината на Патот на свилата како приоритет на Будимпештанскиот процес“, се вели на веб-страницата на процесот.

-Унгарија -

На настанот свое обраќање имаа и унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој миграцијата ја нарече „најсериозен и најкомплициран предизвик“ на светот.

Истакнувајќи дека Унгарија се соочува со „пристрасни и неизбалансирани позиции“ во справувањето со миграциите, тој истакна: „Нашата позиција е дека треба да ја оставиме хипокризијата и политичката коректност зад себе. Треба да ги истражиме сите аспекти на миграцијата на искрен начин.“

„Во овој поглед, илегалната миграција ја сметаме за опасен и штетен феномен кој ги дестабилизира земјите на потеклото, земјите на транзит и земјите на (целната) дестинација“, додаде Сијарто.

Тој изрази благодарност до Турција за згрижувањето на околу 4 милиони бегалци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.