свет

Коми: Администрацијата на Трамп изнесуваше невистини за ФБИ

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, во сведочењето пред разузнавачкиот одбор на Сенатот одговараше на прашања од сенаторите за наводното руско мешање во одржаните претседателски избори во САД

Hakan Çopur   | 09.06.2017
 Коми: Администрацијата на Трамп изнесуваше невистини за ФБИ

Washington DC

ВАШИНГТОН (AA) - Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, во сведочењето пред разузнавачкиот одбор на Сенатот одговараше на прашања од сенаторите за наводното руско мешање во одржаните претседателски избори во САД, јавува Anadolu Agency (AA).

„Немам сомнеж дека Русија се вмешала во претседателските избори“, рече Коми на самиот почеток.

Тој додаде дека претседателот Доналд Трамп од него сепак не барал прекинување на истрагата за руската вмешаност во претседателските избори во САД.

Меѓутоа, тој рече дека од него барал да се стопира истрагата за Мајкл Флин, поранешен советник за национална безбедност во администрацијата на Трамп.

Коми нагласи дека било, како што рече, мошне загрижувачки кога Трамп во февруари од него барал да ја стопира истрагата за неговиот поранешен советник за национална безбедност.

Во сведочењето во Сенатот, Коми истакна дека администрацијата на Трамп, откако добил отказ во ФБИ, го оцрнувала и изнесувала невистини за ФБИ.

Тој наведе дека по состанокот со Трамп го направил извештајот бидејќи се плашел дека американскиот претседател би можел да изнесе невистини за средбата.

„Бев загрижен дека може нешто да излаже за природата на состанокот, така што сметав дека е важно тоа да се документира. Знаев дека би можел да дојде ден кога ќе ми затреба снимка од она што се случило, не за да се бранам себеси, туку ФБИ. Разговарав претходно со претседателот Обама. Разговаравме само два пати за три години и тоа не го документирав. Имав разговор 'еден на еден' со Буш, но немав потреба од тоа“, рече Коми на прашањето зошто се решил да го документира разговорот со Трамп.

Коми истакна дека го збунувале различните објаснувања за тоа зошто Трамп го отпуштил.

„Кога бев поставен за директор во 2013 година, сфатив дека му служам на претседателот. Кога бев отпуштен на 9. мај од таа причина, веднаш отидов дома како обичен граѓанин. Но тогаш следуваа различни објаснувања, кои се менуваа и кои ме збунуваа, и дополнително ме вознемирија“, рече Коми.

Потсетуваме, Флин на 13 февруари поднесе оставка, по објавата на медиумите дека пред инаугурацијата на Доналд Трамп, тој разговарал со рускиот амбасадор за американските санкции кон Русија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın