свет

Што се случува во Источниот Медитеран во 5 прашања?

Агенција Анадолија (АА) во 5 прашања го претставува потеклото на тензиите во Источен Медитеран, зошто Грција одбива дијалог со Турција, што стои зад ставот на Франција за зголемувањето на напнатоста во регионот

Tevfik Durul   | 15.09.2020
Што се случува во Источниот Медитеран во 5 прашања?

АТИНА 

- Тевфик ДУРУЛ  


Грција се обидува да наметне предуслови за да седне на преговарачката маса за дијалог за Источен Медитеран, на кој на повеќепати повикува Турција. Факторите надвор од регионот, како што е Франција, постојано ја подбуцнуваат администрацијата од Атина против Турција и инсистираат на преземање чекори што дополнително ќе ги разгорат тензиите, наместо да се оди на воспоставување директен дијалог со Анкара за решавање на тензиите.

Агенција Анадолија (АА) во 5 прашања го објаснува потеклото на тензиите во Источен Медитеран, зошто Грција одбива дијалог со Турција, што стои зад ставот на Франција за зголемувањето на напнатоста во регионот и како меѓународните актери гледаат на кризата.


1 - Како се разгореа тензиите во Источен Медитеран?

Тензиите во Источен Медитеран за првпат беа разгорени кога администрацијата на кипарските Грци започна да склопува меѓународни договори за искористување на природните ресурси околу островот, занемарувајќи ги притоа законските и легитимните права на турската страна на северот од островот. Западните компании, со поддршка на своите влади, заедно со Грците започнаа истражувања и сондажа на природен гас во широка област

Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) ги предупредуваа своите соговорници долги години наназад дека по донесувањето на фер и трајно решение за кипарското прашање, богатството околу островот треба да биде предмет на интерес на сите народи на островот.

Откако беше откриено постоењето на големи полиња со јаглеводороди во Источен Медитеран, земјите од регионот, кои сакаа да ги искористат овие богатства, се свртеа кон склучување договори за Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ).

Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) продолжија со своите предупредувања наспроти администрацијата на кипарските Грци, која во 2003 година потпиша договори за Ексклузивна економска зона со Египет, во 2007 година со Либан и 2010 година со Израел.

Администрацијата на кипарските Грци заедно со западните компании продолжи да спроведува истражувања на јаглеводородните полиња кои се преклопуваат со правата што ги имаат Турција и ТРСК.

Египет, Грција, администрацијата на кипарските Грци и Израел, во Каиро формираа Форум за гас во Источниот Медитеран, преку кој се обидоа да ги дистанцираат активностите на актерите, како што се Турција, Либија и Либан.

ТРСК и Турција со добронамерна иницијатива го претставија предлогот за формирање заеднички комитет по прашањето за јаглеводородните ресурси со грчката страна на Кипар, во кој ќе посредуваат Обединетите нации (ОН). На тој начин, сѐ додека не се најде фер и трајно решение за островот, би се спроведувала нова формула за непречено функционирање на ресурсите во рамките на заедничкиот консензус.

Сепак, грчката администрација, која доби поддршка од Европската Унија (ЕУ), покажа дека не е отворена за соработка.


2 - Што сакаат да направат против Турција, инсистирајќи на картата на Севиља?

Мапата на Севиља се користи од страна на администрацијата на кипарските Грци и Грција како една од главните алатки со чија помош Турција во целост би била изолирана и би била затворена на својот медитерански брег.

Картата што го добила името бидејќи е подготвена од страна на проф. Хуан Луис Суарез де Виверо, експерт по човечка поморска географија од Универзитетот во Севиља, сугерира дека официјални граници на ЕУ се границите на областа за кои Грција тврди дека се нејзин континентален гребен во Егејот и Медитеранот и Ексклузивната економска зона што администрацијата на кипарските Грци ја прогласи во 2004 година.

Според оваа карта, континенталниот гребен на Грција започнува од грчкиот остров Мегисти (Кастелоризо) и се спушта на југ до средината на Средоземното Море, при што на Турција не ѝ се дава излез на Медитеранот освен во подрачјето на заливот во Анталија.

Турција ги негира овие тврдења, нагласувајќи дека тезата, според која островот Мегисти со површина од 10 квадратни километри, оддалечен 2 километри од Анадолија, а 580 километри од континенталниот гребен на Грција, треба да поседува површина од 40.000 квадратни километри, не е рационална и е во спротивност со меѓународното право.


3 - Зошто Грција го игнорира повикот на Турција за дијалог?

Изјавите на Грција засновани врз принципот на далечина на делови од островот како дел од „континенталното копно“, немаат еквивалент во меѓународното право.

Во меѓународното право, принципот на растојание не се споменува како правило во разграничувањето на континенталниот гребен и ЕЕЗ.

И според меѓународното право и според Конвенцијата на ОН за морското право, важи принципот на „фер поделба“.

Според овој принцип, на островите може да им се додели помала морска област или ЕЕЗ во споредба со копното. Дури островите можат целосно да бидат опкружени.

Во оваа точка, предвид се земени многу фактори, како што се големината на островите, нивната должина на брегот, локацијата и колку се оддалечени од континенталниот брег.

Во тој контекст, Атина, која е свесна за неправдата, се плаши да седне на преговарачката маса со Турција, поставувајќи го како услов за воспоставување дијалог во врска со тековната состојба прекинот на сеизмичките истражувања и активностите за сондажа на Турција во Источниот Медитеран.

Во исто време Грција сака прашањето со Турција да го постави само како „решавање на прашањето за континенталниот гребен“, продожувајќи со својот поттик за зголемување на тензиите, со цел исклучување на можни преговори кои би биле засновани врз правна и правична основа.

Турција истакна дека е подготвена за дијалог, а како потег на добра волја привремено го повлече бродот за сеизмички испитувања „Оруч Реис“.

Додека очите на јавноста се свртени кон поканата на Германија како периодичен претседавач со Европската Унија за спроведување разговор меѓу Турција и Грција, Грција на општо изненадување, еден ден пред состанокот потпиша договор за разграничување на морската јурисдикција во Медитеранот со Египет, одново зголемувајќи ги тензиите на максимално ниво.

По овој чекор на Грција, тензиите во регионот уште повеќе се зголемија откако јужно од островот Крит, заедничка воена вежба спроведоа Грција, Франција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Во тој период Турција, како знак на добрососедски односи, неколкупати ја покани Грција на преговарачка маса, но секој пат администрацијата од Атина ги игнорираше овие повици.


4 - Кон што цели Франција во Источниот Медитеран подбуцнувајќи ја Грција?

Франција, која е актер надвор од регионот, го привлекува вниманието со своите обиди преку оваа криза да земе улога во Источниот Медитеран, нарушувајќи ги напорите за медијација на Германија.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој регионот го оквалификува како „црвена линија“, може да се каже дека само го потпалува огнот со иницијативите за интензивирање на заедничките воени вежби со Грција и со своите говори во кои како цел ја има Турција, лично напаѓајќи го претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Подбуцнувајќи ја Атина и охрабрувајќи ја Грција да ги зголеми своите воени трошоци, Макрон со продажбата на 18 борбени авиони од типот „Рафал“ се подготвува да ја претвори кризата во можност и да ги собере првите плодови од неговиот став.


5 - Каков став имаат другите меѓународни актери?

Може да се забележи дека земјите од ЕУ не утврдија заедничка политика против бесправната позиција на Грција во регионот.

Иако европските земји на Грција и на администрацијата на кипарските Грци им даваат пораки за „поддршка“ под името „ЕУ солидарност“, голем број земји нагласуваат дека билатералните проблеми за споменатата криза треба да се решаваат преку дијалог.

Италија и Шпанија се меѓу водечките земји кои не гледаат позитивно на опцијата за санкции на која инсистираат Грција и администрацијата на кипарските Грци пред ЕУ.

Може да се забележи дека САД, кои водат политика на „иста дистанца“ меѓу двете земји членки на НАТО, Турција и Грција, во последниов период ѝ ја препуштиле улогата во регионот на Франција.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп често повикува на „дипломатија“, но поради проблемите во внатрешната политика, се чини дека ситуацијата ја следи од далечина, не придавајќи голема тежина на оваа криза.

Најконкретен знак за односот на администрацијата на Вашингтон кон кризата беше одлуката за делумно укинување на ембаргото за оружје, што со години се применуваше за администрацијата на кипарските Грци.

НАТО, кој треба да биде една од најфункционалните платформи за намалување на тензиите, е во несоодветна позиција за изнаоѓање решение поради молкот од страна на САД, кои се лидер на формацијата.

Од друга страна, фактот дека администрацијата од Атина не посака изнаоѓање решение со Турција во рамките на партнерството во НАТО и до ЕУ упати барање за спроведување санкции кон Турција, е уште еден од елементите што ја отежнуваат можноста за решение во рамките на Алијансата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.