свет

Штајнмаер: „Германија нема да ги толерира растечката омраза и насилство кон муслиманите“

- „Не смееме да толерираме ниту да допуштаме такви работи. Заштитата на муслиманите е задача на државата“, наведе Штајнмаер

Ayhan Şimşek   | 22.05.2020
Штајнмаер: „Германија нема да ги толерира растечката омраза и насилство кон муслиманите“

БЕРЛИН

Претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, порача дека државата и демократското мнозинство нема да ги толерира растечката омраза и насилство што радикалните десничарски екстремисти ги манифестираат кон муслиманите во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Германија во бајрамската честитка наведе дека овогодишниот најголем празник на муслиманите е засенет од неодамнешниот расистички терористички напад во Ханау во кој жртви беа муслимани.

„Тоа беше напад врз нашата коегзистенција и врз сите вредности што ги делиме во оваа земја, вклучувајќи го и почитувањето на човековиот дигнитет, толеранција, различност, слобода и верска исповед“, порача Штајнмаер.

Нагласувајќи дека како шеф на државата цврсто стои наспроти расистичката реторика на омраза, Штајнмаер рече дека Германија не смее да ја толерира омразата, маргинализацијата, насилството над муслиманите и нападите врз џамиите.

„Не смееме да толерираме ниту да допуштаме такви работи. Заштитата на муслиманите е задача на државата“, наведе Штајнмаер.

Во расистичкиот терористички напад што во февруари се случи во две кафулиња во Ханау убиени се 9 лица со имигрантско потекло, вклучувајќи и 4 лица од Турција и едно лице од БиХ.

Муслиманската заедница во Германија е загрижена поради зачестените вандалски и расистички напади врз џамии и исламски центри во земјата.

Во февруари германската полиција приведе 12 члена на радикалната десничарска група која планирала да изведе напад врз шест џамии.

Пред два дена германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, изјави дека Владата нема да толерира радикални десничарски екстремизам, расизам и ксенофобија.

Изјавата на Зехофер следува два дена откако на влезот во една џамија на југот од Германија оставена е отсечена свинска глава.

Во Германија живеат околу 4,7 милиони муслимани, вклучувајќи и околу 3 милиони луѓе со потекло од Турција. Франција е единствената европска земја која е пред Германија според бројноста на муслиманската заедница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.